Македонија
11. February 2016 - 13:36

Проект на СКЗМ и фондацијата „Даути“’ за поддршка на граѓанскиот сектор

Како граѓанскиот сектор најлесно да дојде до финансиската поддршка на општествено-одговорните компании, но по институционален пат, односно преку невладините организации, а не директно, преку давање пари на поединци. Ова е целта на проектот што во претстојните 18 месеци ќе го имплементираат Фондацијата „Даути“ и Стопанската комора на северозападна Македонија (СКЗМ).

Како што рече денеска на прес-конференција извршниот директор на „Даути“ Илир Идризи, граѓанскиот сектор се уште не знае како да побара средства од компаниите или да ги акумулира потенцијалните донации. Затоа најчесто не е главниот консуматор на парите од бизнис заедницата, туку е на четврто место по физичките лица, културните манифестации и верските заедници.

Проектот, нагласи Идризи, ќе го предочи моделот на донирањето по институционален пат, а не директното давање пари кое не ретко создава недоверба во однос на нивното крајното искористување.

- Проектот предвидува обуки и директни средби на невладините организации со бизнисмените за граѓанскиот сектор да го најде патот и начинот, тие средства кои се предвидени од страна на компаниите, да ги добие и да ги искористи во спроведување на своите активности, нагласи Идризи.

Според извршниот директор на СКЗМ Фатмир Битиќи, граѓанските организации секогаш имаат проблем со финансиската одржливост и традиционално, нивните извори на финансирање се членство, донации, спонзорства или грантови. Но, во последно време, опција е и бизнис заедницата. 

- Проектот ќе се фокусира само на изнаоѓшање на правиот начин, како граѓанските организации треба да ја искористат бизнис заедницата за нивна поголема финансиска одржливост, потенцира Битиќи.

Членките на Комората, додаде, се изненадувачи општествено-одговорни, независно од нивната финансиска ситуација или ликвидност. - Изненадени сме колку нашите членки годишно даваат средства во различни општествени сфери. Институционалниот пат на реализирањето на помошта, преку невалдините организации, го одбравме зашто сметаме дека, за разлика од директното давање средства на поединци или за одредени културни манифестации, не поттикнува сомнеж и недоверба, објасни Битиќи.

Проектот насловен „Финансиска одржливост на НВО во соработка со бизнис секторот“ е поддржан од ЕУ. Ќе опфати 100 невладини организации од северозапдна Македонија и уште 40 од цела Македонија кои соработуваат со бизнис - секторот. Приоритет ќе се даде на оние што се лоцирани во руралните области и кои работат со маргинализирани групи: млади, жени, социјални и ранливи категории.

Во проектот ќе бидат вклучени и 50 мали и средни претпријатија како хомолог на избраните невладини организации.