Македонија
15. March 2019 - 8:52

Проекција на романскиот филм „Тото и неговите сестри“ во Битола

Граѓанската организација ХЕРА, поддржана од фондацијата Отворено општество-Македонија, вечер во НУ Центар за култура-Битола организира проекција на наградуваниот филм „Тото и неговите сестри“ и дебата за пристапот на Ромите до здравствените услуги.

Организаторите информираат дека филмската проекција, дело на романскиот режисер Александар Нанау е составен дел на проектот „Промена на негативниот наратив кон Ромите во здравствените установи“. Филмот освен во Битола, на 22 март ќе биде емитуван и во Кино култура во Скопје.

Според програмата, во панел дискусијата ќе учествуваат д-р Домника Рајчановска, директорка на Високата медицинска школа во Битола, Ремзи Медик, претседател на граѓанската организација „Баирска светлина“ и Елизабета Талеска, педагог во ЈУ Центар за социјална работа, со седиште во Битола.

Проекцијата на филмот „Тото и неговите сестри“ е бесплатна, а влезот во кино салата на НУ Центар за култура-Битола, слободен.