Македонија
19. јуни 2018 - 16:21

Продолжуваат протестите пред Собрание

Патриотска атмосфера преовладуваше и на денешниот мирен, шести по ред протест, на кој граѓани, незадоволни од Договорот за името со Грција, повторно се собраа пред Собранието. Протестот беше закажан во 11 часот, токму кога почнуваше и собраниската седница, на која Договорот со Грција влезе во собраниска процедура за негово ратификување.

Граѓаните пред Парламентот, побараа оставка од Владата, ја обвинија за велепредавство и во знак на револт, запалија копија од договорот со Грција.

Демонстрантите порачаа дека овој договор правно никогаш нема да помине, порачувајќи дека токму сега почнува македонската духовна револуција

По завршувањето на протестот, демонстрантите се упатија кон седиштето на ВМРО ДПМНЕ, а по пат застанаа и пред Народната канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов, извикувајќи го неговото име.

Демонстрантите од пред седиштето на опозицијата побараа нивните пратеници да го напуштат Парламентот и да им се придружат на протестот, како и да не дозволуваат спроведување на договорот за промена на името.