Македонија
3. јуни 2020 - 16:58

Продолжуваат несогласувањата околу постапката за избор на ректор

Владата да пресече – смее ли УКИМ да организира избори за нов ректор во вонредна состојба? По десетина дена тензии во академската фела, од Независниот академски синдикат денеска лично го однесоа барањето до Илинденска и побараа автентично толкување на членот пет од претходно донесената Уредба.

Во него се вели дека “Високообразовната установа која до денот на истекот на мандатот на органите и телата за време на траењето на вонредната состојба не извршила избор на нови органи и тела, мандатот им се продолжува за време на трањето на вонредната состојба”.

Токму ова е причина, според Синдикатот, да се спори легитимноста на почнатата процедура за избор на нов ректор.

“Во уредбата не е јасно дали може да се одржуваат избори или не, се спомнува продолжување на мандати на органи и тела, не сe знае ниту за колку време ќе се продолжат мандатите, на кои органи и тела се однесува продолжувањето на мандатите...”

Од Независниот синдикат сите нејаснотии ги сублимирале во 7 прашања, на кои очекуваат брз одговор од Владата.

Оној кој е обвинет за нелегитимна постапка за избор на прв човек на УКИМ, актуелниот ректор Јанкуловски, тврди дека нема ништо нелегитимно во целата процедура.

“Членот 5 не се однесува на изборите на нов ректор туку само на продолжување на мандатот на тела и органи на кои им истекол мандатот за време на вонредна состојба...Ние сме должни да ја спроведеме процедурата во оној момент кога се создадени условите, а мерките и препораките од Владата тоа го дозволуваат”

Во меѓувреме, по информацијата за два позитивни случаи од корона во Просветниот инспекторат, одложен е надзорот за избор на ректор,  кој по барање на антикорупционерите почна да го врши оваа институција.