Продолжуваат консултациите за францускиот предлог, денес средба Ковачевски-Села
– Продолжуваат консултациите за францускиот предлог за почеток на пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската унија. За денеска во 11 часот во Клубот на пратениците е закажана средба на премиерот Димитар Ковачевски со лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села.
Премиерот Ковачевски вчера во изјава за медиумите потврди дека имал телефонски разговор со Села и најави дека најверојатно денеска ќе му го презентира францускиот предлог.
Широките консултации за францускиот предлог почнаа во петокот најпрво со коалиционите партнери во Владата, од кои дел веќе се изјаснија позитивно за предлогот, а дел се очекува тоа да го сторат во следниот период.
Вчера, премиерот Ковачевски имаше средба и со лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски. За ВМРО-ДПМНЕ, францускиот предлог е неприфатлив. Мицкоски по средбата изјави дека му предложил на Ковачевски две опции – да го одбие предлогот, а ВМРО-ДПМНЕ да се откаже од барањето за предвремени парламентарни избори или доколку Ковачевски верува дека со предлогот е обезбеден идентитетот, тогаш да бидат избришани четири члена.
Францускиот предлог вчера беше разгледан и од страна на Советот за безбедност кој го свика претседателот на државата Стево Пендаровски. Шефот на државата по седницата на прес-конференција изјави дека францускиот предлог е прифатлив. Со прифаќањето на предлогот, како што наведе, ја креваме бугарската блокада која трае повеќе од две години и се дозволува формално отворање на преговорите после 17 години чекање. Се овозможува скрининг процес, што е задолжителна фаза пред преговорите за кластерите – поглавја и она што е најважно, како што рече, е тоа што со ништо не се поткопува македонскиот идентитет затоа што темелната одреденица за македонскиот јазик во предлогот има чиста формулација без фуснота.
Францускиот предлог во земјава пристигна во четвртокот по што премиерот Ковачевски најави широк консултативен процес со владината коалиција, претседателот на државата, Парламентот, опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупната јавност во земјата.
Ново на Сител
-
Едно лице повредено во престрелка во Арачиново, вмешан и Шенки Версаче
-
Тројца уапсени по расистички навреди кон Ламин Јамал
-
ОЈО Тетово поведе истражна постапка против 51-годишник, поради оружје и муниција
-
Уапсен 65 годишен струмичанец, поради пронајдена дрога
-
Неверојатниот Кејн собори рекорд во Бундеслигата
-
Приватните превозници од понеделник се вклучуваат во сообраќај, но не со целиот капацитет
-
Финализиран проектот за обука за финансиски истраги, поддржан од Владата на Обединетото Кралство
-
Приведен косовец, пронајдени седум мигранти на магистралниот пат Куманово-Крива Паланка