Македонија
15. August 2020 - 8:25

Продолжуваат консултациите за формирање Влада

Консултациите за формирање Влада, по изборите на 15 јули продолжуваат, откако во четвртокот претседателот на државата Стево Пендаровски му го довери мандатот за формирање влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев. Сега Заев има рок од дваесет дена од добивањето на мандатот за консултации за формирање нов состав на Влада.

ДУИ соопшти дека разговорите за формирање владина коалиција со СДСМ се одвиваат на различни партиски нивоа.

– Потврдени се принципите врз кои ќе се заснова следната влада, и тие и беа соопштени на јавноста неколку пати. Се подготвуваме за следните чекори, како што се изработката за детална програма за работа и дефинирање предлози со соодветни, подготвени, чесни и способни кадри, посочија од ДУИ.

Нивните уверувања, како што се наведува, се дека овој пристап ќе доведе до конечен договор и Влада со целосен четиригодишен мандат, која ќе биде изгласана во Собранието, ќе им служи на сите граѓани подеднакво и ќе продолжи партнерството со евроатлантските сојузници.

Тричасовна средба во четвртокот попладне, по врачувањето на мандатот, имаа лидерите на двете партии Али Ахмети и на СДСМ Заев, која беше оценета во заедничкото соопштение како конструктивна и продуктивна и на која биле постигнати основи за напредок кој води до коалиционен договор за нова, европска Влада посветена на европските интеграции, на економијата, еднаквоста и на владеењето на правото. На средбата присуствувале и генералните секретари Љупчо Николовски и Артан Груби.

Во соопштението беше најавено дека разговорите меѓу двете партии ќе продолжат во текот на викендот на ниво на генерални секретари.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која ги замрзна односите со шефот на државата откако тој реши да му го даде мандатот за формирање Влада на Заев без да прикаже доказ за мнозинство во Парламентот, најави дека во наредниот период сите опции се отворени и дека ќе го следат периодот на преговори кој што ќе го предводат партиите.

– Точно е, вчера имавме конкретна изјава и од страна на претседателот Мицкоски но, тоа го говорат и експертите, тоа го пишува и во Уставот, дека противуставно, Стево Пендаровски го даде мандатот на пратеникот, односно го узурпираше во рацете на пратеникот Зоран Заев, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.

Според него, Заев или од СДСМ неколкупати кажале дека имаат мнозинство, но потоа самите се демантирале.

– Во однос на тоа ќе треба да почекаме, да видиме како се развиваат преговорите, сепак тие преговори ги водат две други политички партии и ќе треба таму да ги бараме одговорите во однос на се она што се разговара таму. Во однос на позицијата на ВМРО-ДПМНЕ морам да истакнам дека веќе е јасно кој го узурпираше мандатот во раце и кој го има мандатот за да се обиде како што велеа да состави нова Влада, рече Арсовски одговарајќи на новинарско прашање.

Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива соопшти дека нивни претставници немале средби за учество во новата влада и дека нема да да преговараат додека ДУИ не го исцрпи правото да биде дел од идната влада, односно да стане опозиција. За нив ДУИ е легален, но не легитимен победник на изборите кај партиите на Албанците.

– Иако ние сме легитимни победници на изборите на 15 јули во албанскиот политички камп, ние нема да влеземе во преговори, се додека ДУИ не го исполни предизборното ветување за премиер да биде Насер Зибери. Дури, како што кажавме, ако во Собранието доајде предлог Насер Зибери да биде премиер, ние со нашите 12 пратеници ќе гласаме за него. Но, ако ДУИ не успее да го реализира ова ветување, за што има легалитет, таа партија нема право да биде дел од идната влада и нејзиното место е во опозиција, истакна на прес-конференцијата Скендер Зеид Реџепи, генерален секретар на Алтернатива.

Вчера со реакција за барањето на ДУИ премиер да биде Албанец, излезе и партијата ДОМ, која е во коалиција со СДСМ.

 

 

Во соопштението тие посочуваат дека за нив барањето на ДУИ за премиер по етнички клуч е неприфатливо затоа што води кон поделеност на македонското општество, подем на национализмот и претставува закана за општествениот систем и современиот граѓански концепт-едно општество за сите.

– Премиерската функција не смее да се претвори во “весела математика”, од типот 1+3, 2+2, 3+1. Дополнително, ротацијата на премиерската позиција би можела во иднина да стане пракса и за други политички функции што би довело до нефункционалност на институциите, се посочува во соопштението.