Македонија
29. January 2017 - 9:22

Продолжуваат консултациите во ДУИ за коалицирање во идната влада

Во партиското седиште на ДУИ во тетовска Мала Речица доцна синоќа заврши состанокот на Централното претседателство на оваа партија на кој се расправаше околу позиционирањето на ДУИ дали ќе биде дел од идната владина коалиција или не.

Според најавата на портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, седницата на Претседателството ќе продолжи денеска.

- Се уште не се исцрпени сите аргументи по однос на опциите коишто ги има ставено ДУИ на маса. Консултациите продолжуваат. Полека сите аргументи се сведуваат на утврдување на платформата на ДУИ и условите коишто се поставени така што ќе очекуваме реакција од политичките партии на тие услови што ДУИ ги има поставено. Платформата на ДУИ е инкорпорирана во сеалбанската декларација, изјави Османи.

Тој ги деманитираше информациите дека тројцата партиски потпретседатели Теута Арифи, Невзат Бејта и Иџет Меџити ја напуштиле седницата. 

- Нема никакво напуштање на седницата од тројцата потпретседатели и тоа го демантирам апсолутно. Ова е долг состанок од десет часа и се разбира дека има потреба од консултации, од излегување од седница така што нема никакви несогласувања, но има различни аргументи по однос на опциите, меѓутоа ги демантирам сите шпекулации за некаква тензичност. Значи има апсолутно конструктивна дебата, сите сме заинтересирани да најдеме решение, да ја извадиме земјата од криза, да постигнеме политичка стабилност и ќе го продолжиме состанокот утре, истакна Османи.

Околу информациите дека пред седиштето на СДСМ во Скопје бил забележан службениот автомобил на гостиварскиот градоначалник и потпретседател на ДУИ Невзат Бејта, потпаролот на ДУИ посочи дека тие како партија разговараат веќе неколку денови со сите политички партии и затоа, како што рече, сите опции се на маса и се можни.

Куса изјава даде и лидерот на ДУИ, Али Ахмети кој истакна дека се анализираат сите опции со цел да се донесе најдобрата одлука во корист на Албанците и сите граѓани на Македонија.

- Немам одговор со кого ќе бидеме во коалиција. Ги анализираме сите опции за најдобрата одлука во корист на Албанците и за сите граѓани на Македонија без разлика дали се Албанци, Македонци, Срби, Роми или Власи. Дискутираме за сите опции, истакна Ахмети.