Македонија
10. July 2017 - 8:55

Продолжуваат археолошките истражувања на локалитетот Врбјанска Чука

Научен тим  ги подолжи истражувањата на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука кои почнаа минатата година. Локалитетот  се наоѓа во северната половина на Пелагонија, меѓу селата Славеј и Врбјани во општина Кривогаштани. 

Центарот за истражување на предисторијата соопшти дека лани истражувањата дале  одлични резултати за просторната организација на неолитската населба, како и за стопанството, општествениот живот и верувањата на првите земјоделци во овие краишта.

- Резултатите се публикувани во научно списание, со што се афирмираше фактот дека Врбјанска Чука била специфична неолитска населба и имала клучна улога во појавата и развитокот на земјоделството во овој дел од Македонија. Тоа го поттикна научниот тим да ги продолжи истражувањата и оваа година, со тоа што покрај стандардните археолошки ископувања, фокусирани на веќе откриените неолитски куќи и средновековните слоеви, паралелно ќе се вршат и археоботанички, зооархеолошки, ихтиолошки, антраколошки, геоархеолошки и паленолошки анализи, а ќе се изведе и датирање на населбата преку АМС методот, соопшти Центарот. 

Од продолжението на истражувањето тимот очекува да се добијат податоци за архитектурата и материјалната култура на неолитските земјоделски заедници и темелно да се реконструираат нивната исхрана, животинскиот свет и природната околина, како и времето во кое тие живееле.

 

Во истражувањата се вклучени стручњаци од повеќе научни области и земји. Проектот е меѓународна соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата, Институтот за старословенска култура, Заводот и музеј - Прилеп, Универзитетот на Јужна Бохемија и Институтот Биосенс. Поддржан е од Швајцарската национална фондација за наука, Министерството за култура, Општина Кривогаштани, Универзитетот на Јужна Бохемија и Институтот Биосенс.

- Покрај темелните научни резултати, ваквата меѓународна соработка ќе овозможи и поширока презентација на предисториското културно наследство од Македонија. Како и минатата година, и овој пат добиените резултати ќе се публикуваат во неколку научни списанија и ќе се презентираат на повеќе конференции во Европа, соопшти Центарот за истражување на предисторијата.