Македонија
14. јуни 2016 - 17:27

Продолжува судскиот процес за акцијата во кумановската Дива Населба

Со читање на исказот на сведоците кои веќе беа сослушани, утрово продолжи судскиот процес за Диво насеље. Пред спојување на двата предмети сведочеа околу 20-тина лица во најголем дел роднини на обвинетите и жители на кумановско Диво насеље, кои тврдеа дека на 8 мај лани не забележале ништо невообичаено во населбата, но сепак нивните жени и деца ден претходно ги напуштиле домовите бидејќи наводно очекувале полициска акција за дрога. На денешното рочиште пак, еден од обвинетите се пожали дека при спроведување од затворот кон судот, бил физички малтретиран од страна на специјалните единици.

На обвинителна клупа седат 37 лица обвинети за тероризам. На претходното рочиште сите тие рекоа дека не се чувствуваат виновни за делата кои им се ставаат на товар, а обвинетите за директно учество во нападите, тврдеа  дека не се познаваат со лицата кои се товарат за нивно помагање. Според најавите, следното судење закажано за во четврток ќе биде затворено за јавноста, бидејќи ќе се читаат исказите на заштитените сведоци кои беа сослушани за време на главната расправа.