Македонија
5. March 2019 - 8:54

Продолжува судењето за убиството на Никола Саздовски

Во Кривичниот суд денеска треба да продолжи судењето на Бесир Беља и Скендер Демири, обвинети за убиство на дваесетгодишниот Никола Саздовски.

Претходното рочиште на 28 февруари беше одложено поради недоставените списи од дополнителното вештачење од вештите лица.

На 7 февруари беше извршна реконструкција на убиството на Саздовски во присуство на сведоците и вештите лица. Реконструкцијата траеше речиси три часа на автобуската постројка во Автокоманда под големо полициско обезбедување.

Со статисти и кукла беше направена претстава за вистинскиот тек на настаните по кажување на сведоците и обвинетите Бесим Беља и Скендер Демири, а по она што можеше да се забележи од далечина од каде што беа поставени новинарските екипи и по однос на движењето на статистите се виде дека целиот настан се одвивал во близина на кутија на ЕВН до автобуската постојка на булеварот „Александар Македонски“.

Според обвинителниот акт, Беља и Демири заедно со Ј. Љ. (19), кој е во бегство, на 29 јуни минатата година крвнички го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“ на булеварот „Александар Македонски“ во Автокоманда.

Од здобиените повреди, Саздовски на 9 јули 2018 година почина на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Двајцата од напаѓачите, Бесир Беља и Скендер Демири, се во притвор во затворот „Скопје“ во Шутка, а за третоосомничениот, кој сè уште е недостапен за органите на прогонот, е распишана домашна и меѓународна потерница.