Македонија
29. October 2015 - 13:48

Продолжува соработката меѓу МОН и УСАИД за проектот за стекнување вештини за вработување на младите

Министерството за образование и наука и Проектот на УСАИД за стекнување вештини за вработување кај младите (Мрежа Јес) го продолжија договорот за соработка до јуни 2016 година, поради успешните резултати од примената на проектот во изминатите пет години во кариерното советување и професионална ориентација на младите и невработени од 15 до 27 години. 

Анексот на Ммеорандумот за соработка од 2010 година, денеска го потпишаа министерот Абдилаќим Адеми, директорот на Мисијата на УСАИД Џејмс Стајн и директорот на Мрежата Јес, Ѓорѓи Кушевски.

Во петте години откога се имплементира проектот, оформени се локално-екномско-социјални совети во шест општини меѓу кои и во Град Скопје, развиена е програма за подготовка за вработување и работа која се користи во 52 средни училишта и во сите 30 центри за вработување при Агенцијата за вработување. 

Министерот Адеми истакна дека центрите за кариера отворени од  2010-та функционираат во средните училишта во повеќе општини во Македонија, а над 180 наставници биле обучени да спроведуваат кариерно советување.

- Тоа им помага на учениците да ги идентификуваат нивните интереси, да ги земат предвид нивните способности и можностите на пазарот на труд, да подготват индивидуален кариерен план и да донесат издржана одлука за нивниот избор за кариера. Од оваа програма досега придобивки имаат 287 ученици преку индивидуално кариерно советување и 565 ученици ја следат преку слободните часови, рече Адеми.

Посочи дека во наредниот период ќе се изготви и примени програма за учење преку работа за училиштата за стручно образование и обука и нејзино прилагодување за инклузија на ученици со посебни образовни потреби во јавните средни училишта. Ќе се основаат и нови центри за кариера од кои и во четири училишта за ученици со посебни образовни потреби - три во Скопје и едно во Штип.

- Иако сме горди со постигнатите резултати, има уште многу што треба да се направи со цел да се обезбеди долготраен успех. Во перидоот што следува, ние ќе се потпреме на водството од страна на Министерството да ги подобри квалитетот и доменот на овие услуги со постојан надзор и поддршка на постојните училишни тимови на кариерни советници, обуки кои ќе го зголемат бројот на квалификуван кадар и постојан професионален развој  за сите советници, рече директорот на УСАИД Стајн.

Ѓорѓи Кушевски, директор на Мрежата Јес, рече дека работат на воспоставување македонски модел на систем за кариерно советување.

- Изработени се шест модули за обука за кариерното советување кои ги имплементиравме со наставници од 52 училишта досега, а изработена е и Батерија на инструменти за проефисионална ориентација, она што порано го викавме тестови за професионална ориентација, кои откако ученикот ќе ги пополни, може точно да се види кои се неговите интереси, кои се работните вредности што ги поседува, типовите на личност кои се карактеристични за нив и врз база на тоа, кои се професиите кои најмногу му одовараат, рече Кушевски.