Македонија
9. August 2017 - 9:04

Продолжува собраниската расправа за разрешувањето на Зврлевски

Собранието на Република Македонија денеска треба да ја продолжи расправата за разрешувањето на јавниот обвинител на Република Македонија Марко Зврлески.

Предлогот Зврлевски да биде разрешен го поднесе Владата на РМ поради, како што се наведува во образложението, незаконско, ненавремено и недоволно стручно вршење на функцијата. Во документот стои и дека Зврлевски со своето однесување и дејствување покажал дека не е способен за извршување на функцијата и дека го нарушува нејзиниот углед.

На расправата во понеделникот, излагања, реплики, контрареплики и процедурални забелешки главно имаа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Тие го повторија ставот дека барањето за разрешување на Зврлевски е незаконско и спротивно на Деловникот, како и дека претставува политичка хајка со единствена цел - лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев да се спаси од, како што рекоа, кривичен прогон за случајот „Поткуп“. Воедно предложија, оваа точка да се симне од дневниот ред додека Антикорупциската комисија на нивно барање не оцени дали е во согласност со законот или, прво да се донесат измените на Законот за јавно обвинителство според кој јавниот обвинител ќе биде предлог на опозицијата и ќе се бира со двотретинско мнозинство, па потоа да се расправа за разрешувањето на Зврлевски.

Од СДСМ порачаа дека без да си оди Зврлевски од функцијата јавен обвинител, вистинските реформи во судството не може да почнат. Залудни се, според нив, сите одолговлекувања на ВМРО-ДПМНЕ, интерпелациите, репликите и контрарепликите зашто, изјаснувањето околу разрешувањето на Зврлевски и правдата мора да се случат. 

ДУИ, пак, јасно го поддржа предлогот за разрешување на јавниот обвинител зашто, како што рече Артан Груби, токму Зврлевски не кажал збор, ниту покренал постапки за многу спорни случаи. 

На ваквото негово излагање, за реплика се пријавија 27 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. 

Спикерот Талат Џафери, во врска со барањата и обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ, беше дециден, дека работи исклучливо согласно Деловникот, Уставот и законите и дека нема да ја прекине седницата. Преседан ќе биде, рече, законодавецот да се обрати до Антикорупциската комисија - тело кое сам го бира, за да го консултира дали работи исправно. Во однос на предлог-измените на Законот за јавно обвинителство, пак, додаде дека се на дневен ред на друга седница. 

По расправата за Зврлевски, на дневен ред на 6. седница се уште 31 точка меѓу кои и Годишниот извештај на Народниот правобранител за почитувањето, унапредувањето и заштитата на човековите слободи и права, Информацијата за состојбата со дивата депонија во Струга, Годишниот извештај за работата на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, Предлог-одлуката за одобрување на Финансискиот план на Македонската радио телевизија за 2017 година, Предлог-одлуката за давање согласност на предлогот на годишната програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2017 година,...