Македонија
2. March 2022 - 9:36

Продолжува расправата за разрешување на Фадил Зендели од Комисијата за прашања на избори и именувања

Собранието денеска треба да го одржи продолжението на 64-тата седница на чиј дневен ред е Предлог одлуката за разрешување членот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, Фадил Зендели од БЕСА, поднесена од пратениците Талат Џафери, Јован Митрески, Горан Мисовски, Диме Велковски, Снежана Калеска Ванчева, Дарко Каевски, Даниела Николова, Боби Мојсоски, Панчо Минов, Марија Георгиевска и Жаклина Лазаревска.

Дневниот ред на седницата беше изгласан вчера во вечерните часови по целодневната расправа во тек на која пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ бараа првата точка од дневниот ред – Предлог–одлуката за разрешување членот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, Фадил Зендели, да се смени со други точки од дневниот ред. Обвинија за прекршување на собранискиот Деловник и посочија дека мнозинство сака Зендели повеќе да не биде член на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, зашто им е потребно мнозинство за, како што рекоа, да аминуваат штетни политички одлуки. Од владејачкото мнозинството, пак, оценија дека треба да се запази деловничкото правило распоредот на пратеничките мандати да се преслика и во работните тела на Собранието

На дневниот ред на седницата се и предлог законите за дополнување на Законот за Јавното обвинителство, на Законот за Советот на јавните обвинители и за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој, трите по скратена постапка и поднесени од пратеници од владејачкото мнозинство.

На седницата се и дополнетите предлози на законите за изменување и дополнување на Законот за животната средина и на Законот за внатрешни работи, како и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за полиција, трите во второ читање.

По скратена постапка треба да се разгледа и Предлог законот за изменување на Законот за вршење на работи за застапување во царинските постапки, а во прво читање е Предлог законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.

Пратениците во рамки на седницата треба да расправат и за Барањето за давање на автентично толкување на член 15 став (2), а во врска со став (4) од Законот за спречување и заштита од дискриминација, поднесен од пратеничката Маја Морачанин и за Предлог декларација по повод 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, поднесена од пратениците од опозицијата.