Македонија
23. April 2021 - 12:26

Продолжува работата на историската комисија

Втор ден разговори по спорните историски прашања помеѓу Македонија и Бугарија. На работната агенда на 13-та средба на Мешовитата историска комисија се средновековието и цар Самоил, македонските учебници во основно образование, а останува отворена темата и за револуционерот Гоце Делчев.

Во рамките на онлајн состанокот, се разговара и за потпишувањето на записниците од минатите средби, спорни поради употребата на придавката македонски.

Ова е втора средба на Комисијата од предвидените пет за оваа година. Историчарите ќе пробаат со свеж пристап кон спорните теми да го надминат јазот кој се појави во работата на историската комисија. Според неофицијалните информации на Сител, на вчерашната прва средба тоа не било случај. Не било понудено ништо ново што би донело пресврт во преговорите, а жешките теми биле оставени за денеска.

Работата на мешовитата комисија ја коментираше и премиерот. Секој исчекор што ќе го направат историчарите е значаен за решавање на спорот кој го имаме со источниот сосед, а добредојдена би била и помош од трета страна, рече Заев.

Австрија стои на располагање, порачува шефот на австриската дипломатија. Во интервју за МИА порачува Скопје и Софија билатерално да го решат спорот и да не губат време во пресрет на јунскиот совет.

“Билатералните и историските прашања треба да бидат одвоени од овој процес. Ќе видиме како и кога ќе може да се формира нова влада во Бугарија. Кога и да се случи, двете страни не треба да губат време и треба да преземат конкретни чекори за меѓусебно приближување со цел да се ослободи патот за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ што е можно побрзо”, вели Шаленберг, на прашањето колку се реални очекувањата да ги почнеме преговорите со ЕУ за време на португалското претседателство.

Според него, важно е да се најде решение на билатерално ниво помеѓу Бугарија и Македонија без да се воведуваат овие прашања во процесот на проширување, а дали е потребно посредништво од трета страна, двете земји самите треба да го одлучат, вели австрискиот министер.

Македонските политичари во повеќе наврати досега коментираа дека ќе чекаат формирање на влада во Бугарија, по што очекуваат засилување на преговорите по билатералните прашања.