Македонија
29. August 2016 - 16:37

Продолжува проектот условен паричен надоместок за средношколците од социјално ранливи групи

Проектот условен паричен надоместок за средношколци од семејства корисници на социјална помош продолжува и оваа учебна година. Министерството за труд и социјална политика распиша оглас кој ќе трае до 30 септември. Државата годишно на овие ученици ќе им исплаќа по 12.000 денари, а услов е да присуствуваат на 85 проценти од часовите.

И оваа година ќе се реализира проектот условен паричен надоместок за средношколци од семејства корисници на социјална помош. На овие ученици квартално ќе им бидат исплатени по 12.000 денари доколку присуствуваат на повеќе од 85 проценти од часовите.

- Јавниот повик веќе е распишан и оти може да конкурираат учениците средношколци кои редовно посетуваат настава и потекнуваат од семејства приматели на социјална помош. Сите заинтересирани потребно е да аплицираат во центрите за социјални работи до 30 септември. Се предвидува ова парично право да се реализира квартално со исплата на финансиската поддршка на мајките на овие деца, изјави Диме Спасов,министер за труд и социјална политика.

Преку овој проект планирано е финансиски да бидат подржани околу 6000 семејства. Од буџетот издвоени се 72 милиони денари. Програмата за условен паричен надоместок стартуваше во учебната 2010/2011 година и досега опфатени се 46.000 корисници.