Македонија
5. July 2020 - 8:43

Продолжува претставувањето на изборните понуди на партиите пред граѓаните

Предизборната кампања на партиите за предвремените парламентарни избори кои треба да се одржат на 15 јули е на средина. Тие своите изборни програми и денеска ќе ги претстават на средби со граѓаните, во помал формат, отколку што тоа беше случај на преходните избори, согласно здравствените протоколи поради кризата предизвикана од кронавирусот.

СДСМ и Коалцијата „Можеме“ денеска се во Чаир и Пробиштип, а ВМРО-ДПМНЕ и коалцијата за „Обнова на Македонија“ ќе бидат во посета на Прилеп, Кривогаштани и Крушево.

Караванот на Единствена Македонија и Коалицијата „Никогаш северна – само Македонија“ ќе оствари средби со жителите на општините Росоман, Кавадарци и Неготино.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев синоќа пред граѓаните истакна дека ги отвориле вратите кон ЕУ и НАТО, со, како што рече, обезбеден идентитет и признат јазик.

 

-Нашиот народ денес е исправен, горд со кренато чело. Успеавме да докажеме дека политиките на пријателство и мостови на соработка беа поздравени од целиот демократски свет. И сега кога успеавме да ги решиме сите отворени прашања што ги имавме, ја исполнивме првата стратешка цел и станавме членка на НАТО. Ја исполнивме втората стратешка цел да добиеме одлука за почеток на преговорите. Сега имаме само пријатели насекаде. Сега имаме само помош од целиот свет. Можеме и повеќе и подобро. Сакам да бидете горди заради тоа што целата вистина е на повидок пред сите вас, порача Заев од Крива Паланка.

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е убеден дека коалицијата што тој ја предводи, со поддршка на народот убедливо ќе победи на претстојните парламентарни избори. Потоа, рече, сите заедно да ги засукаме ракавите и да работиме за обнова на Македонија каква што сме наследиле и каква сакаме да им оставиме на идните поколенија.

-Изминатиот период чекоревме полека за да не паднеме, за да не се враќаме неколку чекори наназад и да мора да почнуваме се одново. Меревме, премерувавме носевме одлуки кои можеби секогаш не беа допадливи, но, тоа беа одлуки кои нас не донесоа до крајната цел, а тоа е што побргу да ни се случат предвремени парламентарни избори, рече Мицкоски пред граѓаните во општина Кисела Вода.

Претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети синоќа во Кичево пред членовите и симпатизерите на партијата го претстави Насер Зибери, кандидатот што го номинираше ДУИ за прв премиер Албанец, на парламентарните избори што ќе се одржат на 15 јули.

-Оваа земја имала нобеловци албанци како што се Мајка Тереза и Ферид Мурати. Со нив нашата земја се гордее како што ќе се гордее и со премиерот албанец бидеќи тој ќе работи во интерес на сите кои живеат во оваа држава. Имаше противење и во времето на изборот на Дехари за градоначалник на Кичево но денеска сите увидоа дека во Кичево се живее сложно, без разлика на етникумот кому му припаѓаат. Затоа и оваа наша најнова идеја ќе биде во интерес на еднаквоста се разбира ние ќе продолжиме и во други сфери за да работиме во интерес на сите граѓани, рече меѓу другото Ахмети во Кичево.

Коалицијата „Сега е време“ синоќа одржа централен митинг во Струга. Од таму претседателот на Алијанса за Албанците Зијадин Села им одговори на Заев и Мицковски за, како што рече, нивната идеја за размена на пратеници за да не бидат условени од Албанците да формираат влада.

– Слушам дека Заев и Мицковски се подготвени да формираат македонска влада, еве ви кажувам многу јасно и отворено, ако создадете влада само со македонски претставници ние ќе ја создадеме нашата албанска влада, рече тој.

Коалицијата „Можеме“ е концепт на напредок, развој и заложба за обезбедување подобра иднина за граѓаните на Северна Македонија, напиша тој.

Кандидатот за пратеник од платформата „Македонски концепт“ Петар Богојески од Крушево порача дека очекува сите крушевчани без разлика ма нивната приоадност да гласаат за македонски концепт.

– Никој повеќе и подобро не може да се грижи од мене за Крушево, кој сум родум од тука. Крушево е иселено и осиромашено. Потребна е владина програма која ќе ги задржи младите овде, рече Богојески.

Носителот на листата во третата изборна единица од Левица Борислав Мрмов од Делчево најави поголема заштита на работничките права.

-По претстојното, како што рече, влегување на Левица во парламент најави поголема поддршка за работничките права, особено за текстилниот сектор каде, во Делчево под носот на инспекторите и локалните власти се случува кршење на работничките права.

Македонската конзервативна партија Интегра денеска на градскиот плоштад во Куманово оствари средби со граѓаните на кои партискиот лидер Љупчо Ристовски и носителот на листата во ИЕ2, Александар Главинов ја презентираа програмата „Нова македонска ренесанса како визија за подобар живот во Македонија“.

Тие понудија проекти од речиси сите области кои ќе им овозможат подобар живот на граѓаните, туризам, инвестиции, иновации.