Бизнис
14. November 2016 - 13:38

Продолжува падот на цените на нафтата

Цените на нафтата на светските берзи се во пад веќе втора недела по ред, поради тоа што инвеститорите се сомневаат дека членките на Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК) ќе договорат доволно големо намалување на производството, за да се ублажи дисбалансот меѓу преголемата понуда и намалената побарувачка.

На лондонската берза минатата седмица цените паднаа за речиси два отсто на 44,75 долари за барел. На американската берза пак падот изнесуваше 1,5 отсто на 43,3 долари за барел.

По пребродувањето на почетниот шок, предизвикан од победата на Доналд Трамп на американските претседателски избори, инвеститорите на крајот од минатата недела повторно се насочија ком преголемата понуда.

Последните извештаи на ОПЕК говорат дека производството во октомври изнесувало рекордни 33,64 милиони барели дневно, 264.000 барели повеќе во споредба со септември. Тоа значи дека до официјалниот состанок на ОПЕК на 30 ноември, лидерите од картелот ќе мора да договорат поголемо намалување на понудата од предвиденото.

- Фактот што членките на ОПЕК произведуваат нафта со засилено темпо, ја отежнува можноста за договор, вели Дејвид Томпсон, потпретседател на компанијата „Пауерхаус“.

Во исто време, Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) објави дека пазарот може да произведува вишок на нафта и во 2017, трета година по ред.

Според извештаите на ИЕА, во октомври понудата е зголемена за 800.000 барели на ден на вкупно 97,8 милиони. Тоа се должи на растот на производството во земјите кои не се членки на ОПЕК, како Русија, Бразил, Канада и Казахстан.

Воедно, ИЕА го потвдри растот на дневната побарувачка од 1,2 милиони барели, што се предвидува да продолжи и идната година.

Поради сето тоа, познавачите во иднина очекуваат нестабилно движење на цената на нафтата.