Свет
19. December 2016 - 13:52

Продолжува опозициската „окупација“ на полскиот Парламент

Опозициските пратеници, кои ја обвинуваат полската владејачката партија Право и правда (ПИС) за поткопување на демократијата и Уставот, веќе четврти ден ја окупираат Пленарната сала на полскиот Парламент.

Полскиот претседател Анджеј Дуда денеска ќе се сретне со претседателот на Собраниието, Марек Кухчински и со лидерот на ПИС, Јарослав Качински, за да ја разгледаат ситуацијата.

Министерот за внатрешни работи Мариуш Блашчак пак, изјави дека протестите имаат за цел „да го блокираат државниот буџет и да предизвикаат политичка криза".

Од опозицијата наведуваат дека протестот е предизвикан од предлогот на Владата, да се ограничи пристапот на новинарите во Парламентот. Поради таа причина, викендов во Варшава и неколку други градови се одржаа и улични демонстрации.

Министерот за надворешнни работи Витолд Вашчиковски ги оцени протестите како „дело на разочарани опозициски политичари, кои не можат да прифатат дека не се повеќе на власт“, пренесува ТАСС.

- Некои западни медиуми ја пренесуваат состојбата на чуден начин. Опозицията веќе некое време го планира и подготвува блокирањето на работата на Парламентот. Ова што се случува не е спонтана реакција, изјави Вашчиковски.

Премиерот Беата Шидло пак, смета дека опозицијата се обидува да ја урне Владата така што ќе ги убеди Полјаците дека таа е слаба и не работи доволно добро.