Македонија
7. October 2021 - 8:02

Продолжува кампањата за локалните избори

На политичките партии и кандидатите за градоначалници и советници им преостануваат уште девет дена да ја претстават својата програма пред граѓаните. Кампањата за претстојните локални избори завршува на 15 октомври на полноќ.

Европската унија, пожарот во тетовската модуларна болница, како и нови инвестициски проекти, покачување на минималната и просечната плата, доминираа во вчерашните излагања на претставниците на политичките партии. Партиите со различни ставови и пораки околу прашањето поврзано со нашата евроинтеграција.

За претседателот на СДСМ Зоран Заев изминатите четири години истовремено државата се развиваше дома и тргна по вистинскиот евроатлантски пат.

– Бев на самитот во Брдо кај Крањ, најважните претставници на Европската Унија, Меркел, Мишел, Борел, Фон дер Лајен, Санчез, сите европски лидери, дадоа поддршка и го поздравија успехот што Македонија го постигна во последните четири години во речиси секоја сфера, истакна вчера Заев во обраќањето во рамките на изборниот караван на СДСМ и Коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ во Пробиштип.

Според него, нашата иднина е во ЕУ и за тоа нема алтернатива. Тој додаде дека и покрај потешкотиите што Унијата ги има овој период околу проширувањето, нема да се откажат од европската агенда, како и од тоа европските стандарди и вредности да ги носат дома.

– Успеавме да влеземе во НАТО, ќе успееме и во ЕУ, тоа го заслужуваме, рече Заев.

Тој го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека го кочи напредокот на земјата, но оти во тоа нема да успеат.

Претседателот на СДСМ најави и оти од 1 јануари 2022 година, просечната плата ќе биде 500 евра, а минималната плата 300 евра. Тој од Свети Николе порача дека општината ќе ја брендираат како „зелена“ и еколошка со тоа што ќе носи и приходи и нови добро платени работни места.

– Преку Интервентниот план за инвестиции, инвестициите ги пренасочуваме кон општините. Целта ни е да донесеме нови работни места и рамномерен регионален развој, порача Заев.

Околу интеграцијата на Западен Балкан и нашата држава во ЕУ вчера се произнесе и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој изрази загриженост околу пораките кои стигнаа од Европската унија.

– Иднината на Западниот Балкан е се понеизвесна и дури и во 2030-та година не можеме да очекуваме целосна интеграција на Западен Балкан и нашата Македонија во ЕУ. Се сеќавате дека пред само три години СДСМ не убедуваше дека европската иднина е загарантирана и дека датумот само што не сме го добиле, се сеќавате на она слика од авионот пред три години, ние во суштина три години преговараме и само што не сме станале земја членка, ама ние тоа не го знаеме, тоа е само во главата на вмровците, рече Мицкоски вчера од Ѓорче Петров.

Мицкоски смета дека нема ЕУ со СДСМ, бидејќи, како што кажа, тие се длабоко навлезени во криминал и корупција.

– Не само што со СДСМ нема датум, туку и Македонија ја втурнаа во нова криза во европските интеграции што поради нивниот криминал и заразната корупција ЕУ стана далечна цел, рече Мицкоски.

Во својот говор претседателот на ВМРО-ДПМНЕ се осврна и на Извештајот за пожарот во модуларната болница во Тетово.

– Наместо да имаше целосна истрага, наместо уште првиот ден најодговорните да бидат повикани во Обвинителството да даваат искази, да се препотуваат, а премиерот како прво повикан, па потоа и министерот и заменик министерот за здравство да си дадеа оставка, пред се како морален чин, тие мислеа, мислеа неколку недели како да ја одбегнат одговорноста и смислија да обвинат дека крив за 14 жртви бил кабелот од болницата, рече Мицкоски.

Тој обвини дека лага е оти кабелот и струјата се виновни за изгорените 14 луѓе и нагласи дека ќе има одговрност за трагедијата.

Демократската унија за интеграција (ДУИ) вчера на централниот митинг во Општина Боговиње ја претставија програмата која се нуди пред гласачите. На митингот присуствуваше и дел од партиското раководство предводени од претседалот на ДУИ Али Ахмети.

– Вашата агенда ќе биде полна со задачи, ние сме подготвени сите барања да ги исполниме, ова место да го подобриме. Како аспиранти за ЕУ, не може да бидеме членки без патишта, план за градење, без канализација, без снабдување со вода, стандарди за чистота на воздух. Апел да ги вратиме реките какви што беа чисти, сите имаме морална обврска да ги исчистиме реките и амбиентот за нашите деца, Ова е живот, ова е нашата агенда. Имам многу работа да се работи, Имаме кадар со нивните идеи со нивните проекти за да напредуваме сите ние како граѓани. Сите да работиме зошто работиме за себе за да напредуваме, порача партискиот лидер Али Ахмети.

Коалицијата „Одлучно за промени“ на ДОМ и ЛДП вчеравечер во Штип го промовираше својот кандидат за градоначалник Ванчо Санев и советничката листа, чиј носител е Мартин Каровски.

Претседателката на ДОМ, Маја Морачинин истакна дека движењето „Одлучно за промени“ е со цел да се озбебеди здрав и квалитетен живот на граѓаните во сите општини. Таа нагласи дека на нивните советнички листи и кандидати за градоначалници не се вклучени само партиски членови, туку и граѓанските активисти, непартиски граѓани и експерти од различни области.

Пред присутните се обратни и заменик претседателот на ЛДП, Зоран Шапуриќ, кој акцентираше дека квалитетот на животот на човекот, зависи од кавлитетот на животната средина, затоа двете партии ЛДП и ДОМ се здружиле на овие локални избори.

– Ние сме убедени дека оваа коалиција, која е отворена за сите граѓани, за сите поединци, за сите здруженија на граѓани ќе даде нов квалитет на политичката сцена, рече Шапуриќ.

Претседателот на Левица Димитар Апасиев кој вчера заедно со пратеникот Борислав Крмов присуствуваше на отворањето на канцеларијата на партијата во Делчево, потенцираше дека Левица на локалните избори има 40 листи и осум кандидати за градоначалници, а рејтингот од последните Парламентарни избори, како што рече, е двојно зголемен. Според него, тоа им дава право да очекуваат од 50 до 60 советници на претстојните Локални избори.

За Апасиев кампањата од самиот старт е нефер, бидејќи, како што рече, во делот на Платено политичко рекламирање, 90 проценти од „колачот“ земаат четири партии, а за помалите партии остануваат „трошки“ од седум проценти.