Македонија
20. December 2019 - 17:24

Продолжува истрагата за запленетите 700 килограми кокаин во Шпанија

Молк во институциите по вчерашното приведување на познатата македонска актерка Силвија Стојановска. Официјални информации од истрагата не споделуваат ниту Обвинителството за организиран криминал и корупција, ниту пак Министерството за внатрешни работи.

Нема потврда дека Стојановска едномесечниот куќен притвор го добила поради тоа што била дел од меѓународна мрежа за шверц со кокаин, а детали нема ниту за тоа како течела акцијата.

Сител дознава дека станува збор за меѓународна истрага која е во тек. Во неа учествуваат полиции од повеќе европски земји, кои вршат рации и претреси. Во истрагата помош добиле и од своите американски колеги.

Дали вчерашното приведување е дел од акцијата на шпанската полиција во септември, при што беа запленети 700 килограми кокаин, е прашање на кое одговор не нудат надлежните институции.

“Во интерес на истрагата не можеме да соопштиме никакви детали. Кога ќе дојде време, јавноста ќе биде запознаена со деталите од истрагата”, соопштуваат од Обвинителството за организиран криминал и корупција.

Молчи и МВР. Велат дека не сакаат со избрзани информации да ја загрозат меѓународната истрага, во која се само еден помал дел.

Покрај Силвија Стојановска, вчера уште едно лице беше спроведено во кривичниот суд. Станува збор за Војислав Будисављевиќ, кој во 2010-та година во Македонија беше осуден за шверц на кокаин и брендирана облекa во случај кој беше поврзан со Мадам Пепи.

Во отсуство доби казна затвор од три години и шест месеци, а во 2014 година беше екстрадиран од Белгија.

Осомничен дека е дел од тимот кој го шверцувал наркотикот, Будисављевиќ наредните 30 дена ќе ги помине во Истражниот затвор Скопје. Неофицијално, во Мадрид е уапсен и неговиот брат. Сите тројца се сомничат дека работеле заедно и биле дел од поголемиот синџир на трговија со дрога низ Европа.

Стојановска вчера попладне беше донесена во Кривичниот суд, а на излегување одби да ги коментира обвинувањата.