Македонија
3. January 2020 - 16:55

Продолжува хуманитарната акција на црквата во Прилеп

Црквата Свето Благовештение во Прилеп по 11-ти пат ја организираше хуманитарната акција за Божик со која на 110 социјално загрозени семејства од градот ќе им бидат поделени пакети со прехрамбени производи и средства за лична хигиена. Акцијата ја организираат вработените во црквата кои функциониираат како неофицијална хуманитарна организација која го носи името на светителот „Свети Никодим Прилепски и Тисмански“.

„Годинава излегоа доста граѓани за празникот Свети Никола, кога и се одвиваше оваа акција, се собраа доста средства, многу повеќе од лани. Тие семејства ги планираат свештениците, самата црква го организира списокот и ги носиме онаму каде што треба“, истакна Драган Џокоски, раководител на акцијата.

„Една мала хуманост, спрема семејствата кои се доста загрозени, а од година во година ги има се повеќе во нашиот град. МПЦ е доста ангажирана во ова потпомагање“, рече Димитaр Јанакиоски, верник, помагател во акцијата.

Средствата за оваа акција се собираа од хумани граѓани и верници кои донираа пари во специјалните кутии кои во текот на месец декември беа поставени во сите православни храмови во Прилеп. Во акцијата се вклучи и самата црква.

„Црквата, прилепчаните, хуманоста на народот, излегува во пресрет да им се помогне на било каков начин на овие семејства, со делење на пакети, на колетчиња на малите и бездомни деца и друго“, кажа Димитар Шишкоски, црковен настојател.

Од црквата порачуваат да помагаме колку што можеме повеќе на тие кои помошта им е најпотребна.

„Дошла вдовицата и ги пуштила двете лепти, тоа се две безначајни пари. И тогаш Господ им кажува на учениците : „Таа даде најмногу, заради тоа што таа го целото свое богатство, а сите други даваат од својот вишок. И тогаш  да се потсетиме на зборовите на светиот Максим Исповедник, наше е само она кое што го даруваме на други, се друго е Божја сопственост“, изјави Емилијан Зелнички, теолог.

Вакви акции црквата Свето Благовештение организира два пати во текот на годината, за Божик и Велигден.