Македонија
4. May 2021 - 19:43

Продолжува бојкот на наставата како знак на револт за најавената дигитализација

Продолжува бојкотот на наставата поради најавата за дигитализација на учебниците. Родителите и денеска се пожалија дека наставници и директори вршеле притисок за нивните деца да се вклучат на часовите.

Тие до премиерот, собранискиот спикер и министерката Царовска испратија барање за стопирање на постапката за носење на Законот за учебници. Во барањето се вели дека доколку тоа не биде прекинато ќе излезат на протести и ќе бараат оставка од Царовска.

-Бараме на стопирање на постапката за донесување на овој Закон, бараме да се организира јавна дебата и расправа за истиот и секако најважното е тоа да ние директно и непосредно учествуваме во предлози, мислења и одлуки кои што Министерството ќе ги носи се со цел да имаме образование според мерка на ученикот, вели Драгана Спасевска од Иницијативата „Учебници и настава мора да има“.

За МОН бојкот на наставата нема, од часовите отсуствувале изолирани случаи. Оттаму апелираат учениците да се вратат на часовите.

Претходно МОН испрати видео од наставничка од Основно училиште во Шуто Оризари која дава поддршка на идејата за дигитализација на учебниците.

-Олеснителна околност се и лесното ажурирање со податоци така што повеќе нема да имаме застарени учебници, воиедно од голема важност што тие стануваат инклузивни, вели наставничката Сарита Јашарова.

Сепак, СОНК како репрезентативен Синдикат во образованието велат дека тие не можат да заземат став за вакво прашање бидејќи нивната улога е заштита на работничките права на наставниот кадар. Велат, секој наставник може личниот став да го каже јавно, но тоа не е став на сите наставници.