Македонија
4. July 2022 - 20:37

Продолжи судењето за Рашковски

Бугарски државјанин нудел помош за Рашковски откако во април лани тој заврши во притвор. Според пораките кои денеска ги презентираше обвинителството, разговорот за помош се водел со обвинетиот Игор Христов, кој заедно со Рашковски одговараат за набавката на софтверот за брзина во сообраќајот. Странскиот државјанин кој во телефонот на Христов бил запишан како „БЕ-ЕМ-ВЕ М-Пакет Бугарија“, се интересирал и дали обвинетите имаат помош од премиерот за олеснување на мерките кои им ги одредил судот.

BMW-М Пакет Бугарија:

Што се случува со Драги? Излезе?

Игор Христов:

Во домашен притвор е.

BMW-М Пакет Бугарија:

Ти, како си?

Игор Христов:

И јас сум под мерки.

BMW-М Пакет Бугарија:

Премиерот, не може ли да помогне?

Игор Христов:

Помага, ќе биде добро!

Во нивната комуникација, бугарскиот државјанин се интересирал и кој обвинител го води случајот, а како што напишал Христов, ако Бугарија го тргне ветото, Рашковски ќе бил ослободен.

Според доказите на обвинителството, Владата на ниту една една своја седница немала одлука за набавка на софтверот кој го купил Рашковски. Не бил предвиден ниту во годишниот план за набавки, но подоцна со измени на планот, компјутерската програма се нашла на владината листа за набавки.

Поранешниот генерален секретар заедно со уште шестмина обвинети одговараат за злоупотреба на функцијата и перење пари.. Според обвинението, сите заедно го оштетиле државниот буџет за над 300 илјади евра.