Македонија
5. March 2018 - 15:53

Продолжи судењето на Бобан Илиќ, обвинет за убиство на четиригодишниот Алмир

Во Основниот Суд Куманово денеска, продолжи судењето против Бобан Илиќ, обвинет за убиство на четиригодишниот Алмир Алиу.
 
Денеска на барање на адвокатот на второ, трето и четвртообвинетиот во истиот случај и полномошникот на оштетените беа сослушани двајца сведоци, братот на обвинетиот Бојан Илиќ и девојката Тања Димковска. За време на сведочењето на двајцата сведоци повторно беше разгледан видео материјалот. Сведокот Илиќ, рече дека нив ги бркале неколку лица,  и истакна дека од еден од напаѓачите одзел метална шипка со која, рече се штител себе си и брат му.

Братот на обвинетиот Бојан Илиќ, одговарајќи на прашање на адвокатот Асмир Алиспаиќ рече дека возилото „мерцедес“ е поправено и дека било огласено на продажба на две различни страници за продажба, но подоцна е повлечено. Тој се согласи да сведочи, иако има законско право да одбие бидејќи е во сродство со обвинетиот.

По завршување на неговиот исказ реагираше адвокатот Алиспаиќ кој рече дека Бојан приложил и потврда дека возилото му е вратено од обвинителството, иако претходно му било одземено од СВР Куманово.

Сведочеше и Димковска која рече дека ги препознава напаѓачите само по бојата на облеката која ја носеле во критичниот момент, но не и на снимките кои се гледаа. Таа одговараше на прашања и за правецот на движењето на автомобилот.

Адвокатот на семејството Алиу, реагираше како неодамна се нашла видео снимката на социјалните мрежи. Обвинителката рече дека уште по првото појавување, побарала од надлежните органи да испитаат од каде како се нашла снимката на социјалните мрежи.

По завршување на судењето, адвокатот Алиспаиќ ја обвини обвинителката дека со директните прашања кои го наведувала сведокот Илиќ, иако судот не дозволил во текот на испрашувањето.

Полномошникот на оштетените, Ибрахим Бајрами рече дека иако претстои завршен збор, надлежните не се потрудиле да ја утврдат фактичката состојба преку дозволување на изведувања на доказите предложени од сите страни.

Обвинителството го товари обвинетиот Илиќ дека на 25 јуни 2016-та го убил четиригодишниот Алмир Алиу, по претходна банална, вербална расправија со таткото на момчето во кумановскиот Здравствен дом. Осомничениот, се товари дека го прегазил четиригодишниот Алмир на улицата „Борис Кидрич“. За истиот настан против три други лица, инаку, таткото на детето Седат Алиу, Сами Демири и Абдула Алиу е поднесено обвинение за сторено кривично дело „насилство“.

Наредното рочиште е закажано за 15 март.