Продолжениот викенд направи застој на граничните премини кон Грција
Само до пладне околу 8000 македонски државјани заминаа кон туристичките капацитети во соседна Грција.
Продолжениот викенд и почетокот на летната туристичка сезона ја зголемија фрекфенцијата на граничните премини со Грција. Вообичаено најголемиот број на патници и овој пат се регистрирани на Богородица - Евзони.
Само на овој премин до пладне биле регистрирани близу 13 000 патници од кои 12 200 биле на излез од Македонија кон Грција. Од нив, 5000 се македонски, а околу 7000 странски државјани. Споредено со работните денови бројот на патници е зголемен скоро за два пати.
Од граничниот премин Богородица информираа дека ваквиот бран бил очекуван, бидејќи оваа слика се повторува скоро за секој празник и продолжен викенд и затоа од нивна страна биле активирани сите капацитети и шест ленти за излез од државата. Во зависност од бранот на патници и возила, посебно во претпладневните часови времето потребно за премин на македонската страна од границата беше од 15 до 30 минути. Дел од задржувањето се должи и на потребните процедури за евидентирање на печатот со името Северна Македонија поради тоа што дел од патниците кои денеска ја поминаа државната граница тоа го направија за прв пат после промената на уставното име, па истото се уште го немале евидентирано во нивните патни исправи.
Скоро за три пати поголем број на патници и возила во однос на работните во претпладневните часови е регистриран и на граничниот премин Дојран. На овој премин за излез од Македонија кон Грција биле регистрирани близу 1000 возила со околу 3000 патници, скоро сите се македонски државјани.
-
Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар