Македонија
26. December 2017 - 8:24

Продолженија на пет седници на Собранието

Во Собранието на Република Македонија за денеска се најавени продолженија на пет седници: 11-тата, 12-тата, 13-тата, 15-тата и на 22-та. 

Преостанати точки од дневниот ред на 11-тата седница  се предлог законите за изменување и дополнување на законите за културата, за регистрирање готовински плаќања, за заштита од пушењето, за безбедност на сообраќајот на патиштата, сите по скратена постапка, а Предлог одлуката за утврдување на бројот на потпретседателите на Собранието на Република Македонија е единствена точка на 12-тата седница.

На продолжението на 13-тата седница  се Предлог  законот за трговија на зелени пазари, по скратена постапка,  како и интерпелациите за работата на министерите за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, и за труд и социјална политика, Мила Царовска, поднесени од пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Во рамки на продолжението на 15-тата седница, пак, пратениците треба да расправаат за Предлог законот за престанување на важењето на Законот за националниот уметник на Република Македонија, во прво читање,  како и Предлог законот за издавање вредносни бонови – ваучери, исто така во прво читање, на предлог на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. 

Предлог законите за изменување и дополнување на законите за Судскиот совет на РМ и за заштита на сведоци, по скратена постапка, како и Предлог законот за престанок на важењето на Законот за Советот за утврдување на факти и покренување постапка за утврдување одговорност за судија, исто така по скратена постапка се единствените преостанати точки на дневниот ред на 22-та седница на Собранието.

Пред продолженијата на овие седници во Собранието ќе има годишно обраќање на претседателот Ѓорге Иванов.