Балкан
8. July 2021 - 9:12

Продолжени за уште една седмица актуелните правила за влез во Грција

Правилата и предусловите за патување во Грција, што вклучуваат документ поврзан за Ковид-19 и пополнет PLF формулар, а меѓу другото, важат и за државјаните на Македонија, остануваат непроменети и се продолжени за уште една седмица, јави дописничката на МИА од Атина.

Новата министерска одлука „Предуслови за влез во земјата за да се ограничи ширењето на Ковид-19“, веќе е објавена во Службен весник на Грција, стапи во 6 часот утрово, а важи до 15 јули 2021 година и за патување кај јужниот сосед предвидува задолжителен документ поврзан со Ковид-19, односно или сертификат за вакцинација, 14 дена по примената втора доза, или негативен резултат од ПЦР тест направен 72 часа пред патувањето или рапид (брз) тест до 48 часа пред пристигнувањето во Грција или потврда за прележан коронавирус, како и пополнет PLF формулар.

Од Македонија во Грција може да се патува преку Евзони (Богородица), преку Ники (Меџитлија) и Дојран, што работат 24 часа, исто како и останатите копнени гранични премини кон Албанија, Турција и Бугарија, со исклучок на Мерѕани кон Албанија, што е со работно време од 8 до 20 часот по локално време.

Нашата земја и понатаму е на листата држави за кои важи исклучокот од забраната за влез во Грција на државјани на трети земји, а освен Македонија, дозволено е патување и за државјаните на Азербејџан, Австралија, Албанија,  Босна и Херцеговина, Ерменија, Обединетите Арапски Емирати, САД, Велика Британија, Јапонија, Јордан, Израел, Канада, Белорусија, Либан, Црна Гора, Молдавија, Бахреин, Брунеј, Нов Зеланд, Јужна Кореа, Катар, Кина, Косово, Кувајт, Украина, Руанда, Русија, Саудиска Арабија, Србија, Сингапур и Тајланд.

Согласно министерската одлука, сите посетители, „независно од државјанството и начинот на влез во земјата“ имаат две опции и една алтернативна можност, во однос на документите што треба да ги приложат и се поврзани со Ковид-19, а МИА детално ги пренесува сите предуслови за патување во Грција.

Првата опција е целосно да ја имаат завршено вакцинацијата 14 дена пред патувањето и да достават сертификат за вакцинација на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, издаден од јавна установа и да ги содржи податоците: име и презиме, како што се заведени во пасошот, вид на вакцина и бројот на дози, заедно со датуми кога се примени.

Втората можност е со негативен тест. Или ПЦР направен во последните 72 часа пред патувањето или антигенски (брз) тест направен 48 часа претходно. И за двете опции, тестирањето треба да биде во одобрена од државата на потекло приватна или државна лабораторија, а потврдата да биде на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, а исто како и за сертификатот, треба да ги содржи и името и презимето на лицето кое патува, онака како што се заведени во пасошот.

Алтернативно, посетителите на Грција, може да достават потврда за прележана болест по лабораториско тестирање со ПЦР или антигенски (брз) тест. Сертификатот се издава 30 дена по првиот позитивен тест и неговата важност е до 180 дена по позитивниот резултат.

Документот треба да биде од јавна установа или од лаборатории одобрени од државата на потекло, да ги содржи податоците од пасошот и повторно, може да биде на неколку јазици, односно на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик.

Европскиот дигитален Ковид сертификат е уште една алтернативна можност за влез во Грција.

Конкретните обврски за патување важат за лица со наполнети 12 години.

Дополнително, за патување, задолжителен е и електронскиот формулар PLF (Passenger Locator Form), кој треба да биде пополнет преку интернет страницата https://travel.gov.gr пред поаѓањето, по што се добива потврда со QR-код и се смета за неопходен документ за влез во Грција.

Сите посетители на Грција, независно од земјата на потекло, може да бидат подложени на тестирања, а селекцијата се врши согласно здравствениот алгоритам и со помош на кодот од PLF формуларот.

Доколку бидат тестирани, ќе треба да ги почекаат резултатите.

Ако резултатот е позитивен, предвиден е десетдневен, карантин, додека пак ако се работи за лица кои 14 дена претходно ја завршиле вакцинацијата, тогаш задолжителната изолација е седум дена, а на последниот ден од карантинот, потребно е да се направи ПЦР тест.

За прекршување на законските мерки и обврски, предвидени се парични казни од 500 евра.

Во одлуката, како што пренесува МИА, посочено е дека туристите, за време на нивниот престој во Грција, мора да ги почитуваат мерките што важат и за Грците.

Првата министерска одлука „Предуслови за влез во земјата за да се ограничи ширењето на Ковид-19“, беше објавена на 14 мај годинава, кога по пауза од 14 месеци се отвори граничниот премин Евзони (Богородица) и беше дозволен влез во Грција за македонски државјани, а оттогаш се продолжува секоја седмица.