Бизнис
22. July 2018 - 8:39

Продажбата на аранжманите како лани, зголемен интересот за Турција

Во екот на туристичката сезона аранжманите што ги нудат туристичките агенции се речиси распродадени. Продажбата е слична како и минатата година, а во некои агенции продадени се скоро 90 проценти од аранжманите.

Туристичките агенции се задоволни од тоа како досега се одвива продажбата и велат дека аранжманите се продаваат. Во дел од агенциите се уште има слободни места, а некаде може да се најдат и понуди „last minute“. 

- Иста е побарувачката како минатата година, нема некое опаѓање. Аранжманите се продаваат. Авионите се полнат околу 90 проценти. Не можеме да кажеме дека до крајот на септември сме полни, но сместувачките капацитети се полнат, велат од туристичката агенција „Фибула“.

Лето

Слична е ситуацијата и во останатите туристички агенции каде капацитетите што ги нудат се претежно пополнети барем што се однесува за Грција и Турција за каде е и најголем интересот од страна на македонските граѓани.

- На трите крака во Грција продажбата оди одлично. Нема место до август. Се е полно засега, велат од туристичката агенција „Атлантик турс“, од каде посочуваат дека се задоволни од досегашната продажба и оти секоја година го зголемуваат закупот. 

Најголема побарувачката за Грција и Турција

Најмногу се бараат сместувачките капацитети во соседна Грција, но годинава зголемен е интересот и за Турција каде се нудат пакети со авионски превоз и хотелско сместување за релативно пристојни цени. Се нудат Кемер, Аланија, Кушадаси со понуди „all inclusive“ и „ultra all inclusive“. Одмор во солиден хотел со „all inclusive“ понуда за седум дена во Турција во просек чини околу 400 евра со авионски превоз и сите дополнителни трошоци.

Турција хотелиОд туристичката агенција „Савана“ велат дека годинава имаат поголем интерес за Турција отколку за Грција.

Причината, како што наведуваат агенциите, се квалитетната услуга, пристапните цени и можностите што ги нудат хотелските капацитети во Турција.

- Најмногу интерес има за Турција пред се поради квалитетната услуга, цените и хотелите што се нудат. Квалитетната услуга е предуслов за одлучување да се оди во Турција, но имаме и клиентела која сака да оди за Грција, истакнуваат од туристичката агенција „Фибула“.

Грција одмор

Интересот за Грција е константен, иако годинава аранжманите се поскапи за разлика од лани и како новина воведена е туристичка такса чија висина се движи од 0,5 до 4 евра во зависност од сместувањето.

 

Билјана Анастасова - Костиќ/МИА