Македонија
12. January 2019 - 15:25

Пробиштип ќе добие Музеј на ретки минерали

Рударскиот град Пробиштип ќе добие Музеј на ретки минерали, неговата реализација ќе почне годинава,  најави градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов. Музејот на ретки минерали ќе чини 12 милиони денари, од кои девет милиони денари ќе се обезбедат преку Бирото за рамномерен регионален развој и Министерството за локална самоуправа, а останатите три милиони денари се планирани од буџетот на Општина Пробиштип.

– Овој единствен музеј од ваков вид кај нас треба да го прикаже  развојот на рударството во Република Македонија. Во Пробиштип постои богата збирка од  ретки минерали којашто збирка моментално се чува во Домот на културата „Злетовски рудар“, вели Анастасов.

Музејот на ретки минерали треба да биде дел од туристичката понуда на Пробиштип, којшто на туристите им го нуди преубавото и живописно село Лесново, потоа старата населба Злетово, кадешто се уште  работат познатите злетовски грнчари и ги изработуваат  македонските бардаци, глинeни тави, котлиња и најразлични сувенири. Овој Музеј на ретки минерали предвидено е да служи и како едукативен центар за студентите на факултети по рударство и геологија. Проектот е од регионален карактер и ќе овозможи поголем развој на туризмот во Источно планскиот регион.