Свет
9. April 2017 - 10:27

Приведени 17 луѓе поради заговор за атентат на молдавскиот политичар Влад Плахотнјук

Молдавското обвинителство соопшти дека се приведени 17 луѓе во Молдавија  и во Украина под сомнение дека планирале атентат на еден од највлијателните политичари, Влад Плахотнјук.

Според молдавското обвинителство има докази дека две неименувани лица биле ангажирани за убиството на Плахотнјук, бизнисмен и лидер на Демократската партија, најголема формација во проевропската владејачка коалиција во Молдавија.

Едниот од нарачателите на убиството имал криминално досие и живеел во Москва. Полицијата тврди дека на осомничените им биле платени 100.000 долари и требало да добијат уште 200.000 долари.

Во Молдавија приведени се осум, а во Украина девет лица, кои ако се докаже дека се виновни може да бидат осудени на 15 години затвор. При нивното приведување пронајдено е оружје, радиостаници и средства за камуфлкажа.

Заговорот бил откриен од украинските власти кои ја алармирале Молдавија.