Македонија
3. September 2019 - 16:11

Приведен поранешниот пратеник Љубомир Јосифовски поради неовластен упад во системот на Централниот регистар

Поранешниот пратеник и кандидат за претседател на НСДП, Љубомир Јосифовски неовластено навлегол во компјутерскиот систем на Централниот регистар, тврди полицијата во кривичната пријава против него.
Од МВР додаваат дека тој вчера бил повикан во полициската станица Беко, откако претходно, до полицијата стигнала пријава од Централниот регистар.

Од таму во писмено соопштение велат дека и покрај нападот, системот на Централниот регистар не претрпел штети

„Упадот е извршен со злоупотреба на безбедноста и со надминување на безбедносни пречки од страна на Друштвото за обработка на податоци, хостирање и слични дејности ИНФОГРУП ДОО Скопје. На тој начин ова правно лице неовластено обезбедувало податоци од регистри што ги води Централниот регистар.“ – стои во соопштнието од Централниот регистар.

Јосифовски за Сител вели дека е непријатно изненаден и дека настанот видно го вознемирил и него но и неговото семејство.

„Сакам да потенцирам дека немам направено никаков упад во системот на централен регистар. Напротив, веќе десет години сум корисник на податоците кои се јавно објавени од централен регистар. За користењето на податоците имам уредни договори и уплати согласно јавно објавениот тарифник на црм.  “ – вели Јосифовски во писмена изјава за Сител

Љубомир Јосифовски е поранешен пратеник од редовите на НСДП. Тој му беше противкандидат на лидерот Тито Петковски за местото лидер на партијата по што нивните односи значително се заладија а Јосифовски се дистанцираше од политичката сцена.