Македонија
18. May 2021 - 12:52

Приведен дебранец за физички напад врз сопругата и малолетните деца

Четириесет годишен дебранец е приведен поради физички напад врз сопругата и неговите малолетни деца.

– Вчера во Одделението за внатрешни работи е приведен С.А.(40) од Дебар кој претходно физички ја нападнал сопругата и малолетните деца. По насоки на јавен обвинител, во нивниот семеен дом во Дебар, во присуство на адвокат за малолетници и претставници на Центарот за социјални работи, извршен е разговор со оштетените, рече Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи од Охрид.

Воедно, тој додава дека по целосно документирање на настанот, ОВР Дебар ќе поднесе соодветна пријава.

Исто така портпаролот Димоски, информираше дека вчера околу 13:00 часот во центарот на Дебар, бил нарушен јавниот ред и мир со физички напад.

– На улицата „8 септември“, нарушен е јавниот ред и мир со физички напад извршен од И.И.(33) од дебарското село Отишани врз Р.Б. од Дебар. Напаѓачот е приведен и против него ќе биде поднесена соодветна пријава, рече Димоски.

Во однос на почитувањето на мерката за носење заштитна маска на лицето, во последното деноноќие полициските службеници констатирале два прекршока, или овој месец вкупно 44. Ним, посочува Димоски, им се издадени прекршочни платни налози.