Свет
24. April 2018 - 18:44

Притвор за убиецот од Торонто, обвинение за 10 убиства

Суд во Торонто денеска одреди притвор за 25-годишниот Алек Минасијан, кој со комби удри во група пешаци, усмртувајќи 10 лица. Тој се товари по 10 точки од обвинението за убиство со предумисла и 13 за обид за убиство.

Медиумите информираат дека при читањето на обвинението, Минасијан носел бела затвореничка облека, бил со лисици на рацете и не покажувал речиси никакви емоции.

Минасијан, 25-годишен студент, за кој колегите велат дека го знаат како повлечен и безопасен.

- Не беше друштвен човек, но колку што се сеќавам беше сосема безопасен, изјави Шерин Чами, негова поранешна колешка од одделот за лица со посебни потреби во средното училиште Торнлиа кое го завршил.

Негов друг колега кој одел на некои часови со него, Ери Блаф во разговор за Би-Би-Си исто така го опиша како осаменик.

- Никогаш не сум го видел со пријатели. Мислам дека не беше премногу друштвен, вообичаено го гледав сам во ходниците или во мензата, изјави Блаф.

Во канадскиот образовен систем терминот „специјални потреби“ се однесува на лица кои имаат тешкотии во учењето, бихевиорални тешкотии како и физички недостатоци.

Официјални лица соопштија дека тој не и бил познат на полицијата од претходно