Македонија
1. February 2017 - 11:28

Притвор за тројца разбојници кои малтретираа и ограбија сопружници од Битола

СВР Битола поднесе кривична пријава против М.Ш. (19), С.М. (30) и А.Ш.(24), сите од Лабуништа, Струга, поради основано сомнение дека извршиле кривично дело „Разбојништво“.

Портпаролот на СВР-Битола Сања Стаматова соопшти дека на 4-ти ноември минатата година, во куќа во Битола, на ул. „8 Септември“ пријавените со цел за себе да прибават противправна имотна корист, сториле кривично дело „Разбојништво“ врз двајца сопружници од Битола.

При извршување на кривичното дело, пријавените  одзеле 2.000 евра, златен накит и еден мобилен телефон, или направиле материјална штета од 181.000 денари.

- Пријавените лица со употреба на алат ја отвориле балконската врата од дневната соба, потоа стигнале до спалната во која спиеле оштетените, од наткасните покрај креветот ги извадиле фиоките и ги однеле во дневната соба каде извршиле пребарување. Притоа со викање ги разбудиле оштетените, а во рацете имале пиштоли,  додека едниот имал и нож, кој претходно го зел од кујната. Во моментот кога, еден од оштетените решил да стане, бил удрен во пределот на носот и главата и паднал врз креветот, а неговата сопруга под закана дека ќе и ги пресечат ушите била приморана да ги изваде обетките и  преостанато злато што го носела на себе. Оштетените, иако добиле закана дека не смеат да се јават во полиција и доколку се јават ќе дојдат повторно и ќе ги убијат, сепак настанот го пријавиле во СВР- Битола, информира Стаматова.

На пријавените им е определена мерка притвор во траење од 30 дена.