Македонија
20. October 2018 - 18:44

Притвор за тетовецот кај кого полицијата пронајде 200 грама хероин

 Триесет дена притвор за Б.Е.(47) од Тетово определил судија во претходна постапка откако полицијата против него поднесе кривична пријава за неовластена продажба на дрога. Веднаш по определената мерка тој бил пренесен во КПУ Скопје, во Шуто Оризари, на издржување на притворот, информираше портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.

Полицијата при вчерашниот претрес во куќата на Б.Е. пронашла околу 200 грама хероин, две дигитални ваги, два мобилни телефона, една импровизирана цевка и 12.400 денари. Хероинот бил спакуван во повеќе најлонски кесички. Тетовецот од претходно им бил познат на органите на редот како сторител на повеќе дела поврзани со недоволено производство, поседување и продавање на дрога.

– Според полициските податоци од почетокот на септември досега биле приведени околу 170 лица од полошко како осомничени за недозволено производство, поседување и продажба најмногу на марихуана и кокаин, но и на хероин, хашиш и екстази, рече Јосифовски./МИА