Македонија
11. April 2021 - 16:46

Притвор за шестмина приведени за марихуаната вредна 800.000 евра

Судија на претходна постапка им одреди притвор на сите 6 уапсени лица во големата акција на МВР и американската агенција за борба против наркотици ДЕА. 

Шестмината вчера беа донесени пред судија на претходна псотапка во Основниот кривичен суд Скопје. На сите им е одредена мерка притвор од по 30 дена поради опасност од бегство, влијание врз сведоци и уништување докази. 

Во акцијата беа запленети 200 килограми марихуана вредна 800.000 евра. 

Меѓу приведените се и осомничените организатори на групата Д.Ј.(35) од Струмица и А.У.(45) од Скопје за кој опозицијата тврдеше дека е возач и обезбедување на Трајче Заев роднина на премиерот, а кој бил пријател со командирот на ПС Прилеп Кире Спирковски.

Трајче Заев кој е сопственик на фирми за производство на медицински канабис денеска со објава на фејсбук демантира дека негов вработен е уапсен во акцијата и дека запленетото комбе со кое се транспортирала марихуаната има било каква врска со неговите компании, откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ два дена бараше владата тоа да го потврди или да го демантира.

- Споменатото комбе од акцијата на МВР не е сопственост на фирма на Заеви. 

Ниеден од уапсените не е вработен во ниедна фирма на Заеви. 

Јас сум на службено патување од 23ти Март во Обединетите Арапски Емирати со цел проширување на работата на нашите компании, отварање на нови пазари за нашите домашни македонски производи и стекнување на нови партнери за соработка, напиша на фејсбук Трајче Заев.

Опозицијата и денеска обвинува дека семејството Заеви е инволвирано во овој случај.