Македонија
9. јуни 2016 - 19:35

Притвор за две лица кои лажно се претставувале како полицајци

Две млади лица од Велес и Неготино лажно се претставувале како полицајци со намера да ограбат мигранти, поради што добија по осум дена притвор, информира попладнево портпаролот на СВР Велес, Анита Стојковска. 

- На ден 07.06.2016 година во околу 23:0 часот на локалниот пат село Дуброво-Неготино три непознати лица кои се претставиле како полициски службеници, сопреле патнички автомобил марка „мерцедес“ во кој се превезувале пет лица мигранти од Ирак и побарале од мигрантите пари, изјави Стојковска.

Кога мигрантите се посомневале дека лицата лажно се претставуваат како полицајци, пружиле отпор и успеале со возилото на непознатите лица да се одалечат од местото. Кратко потоа мигрантите биле сопрени од полициски службеници од Полициска станица-Неготино.

- По превземени оперативно тактички мерки во 05:00 часот лишени биле од слобода две лица на возраст од 22 и 19 години од Велес и Неготино, поради основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво во обид“ и „лажно претставување“, рече Стојковска.

Осомничените со кривична пријава биле изведени пред обвинител и од страна на надлежен судија изречена им е мерка притвор во траење од осум дена.