Македонија
14. February 2021 - 8:49

Пристигнува првата пратка вакцини од Србија

Денеска во земјава пристигнува првата пратка вакцини од Република Србија.Примопредавањето ќе се изврши на граничниот премин Табановце, а на него ќе присуствува делегација од Република Србија предводена од претседателот Александар Вучиќ, а негов домаќин ќе биде премиерот Зоран Заев.

Пратката вакцини од Србија требаше да пристигне пред неколку дена но беше одложено поради технички причини, поради усогласување на техничка документација.

Станува збор за 8000 вакцини од „Фајзер“ кои ни ги отстапува Србија,  а кои неколку недели чекаа на одобрение од производителот во земјава.

Покрај оваа пратка се очекува и испорака на 200 илјади дози вакцини од Кина, за кои е потпишан договор во понеделникот.

Интерес за вакцинирање преку онлај апликацијата до вчера имаа иразено над 40000 граѓани.

Од Министерството за здравство вчера за МИА информираа дека преку матичните лекари за вакцинирање се пријавени 12 652 лица.

Веб-страницата на која може да се пријават граѓаните за вакцинирање беше пуштена во функција пред четири дена. Освен на овој начин, пријавувањето за вакцинирање ќе може да се врши и преку матичните лекари преку системот „Мој термин“.

Според предвиденото од надлежните институции, во првата група за вакцинација се здравствените работници и лицата над 70 години.

Во последното деноноќие, како што беше соопштено вчера, беа направени 3121 тестирања, и регистрирани нови 357 случаи на коронавирусот.  Пет лица починати и  122-ца оздравени пациенти.

Вкупниот број КОВИД-дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 96 872, бројката на оздравени пациенти е 87 446, на починати е 2 976, а бројот на активни случаи изнесува 6 450.

Најмногу активни случаи има во Скопје – 2967, Кавадарци – 417, Охрид – 388, Прилеп – 295, Куманово – 246, Велес – 245, Тетово – 221. Во другите градови има помалку од 200.

Вкупниот број хоспитализирани во земјава е 579 пациенти. Во ковид-центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 349 позитивни и суспектни на коронавирусот. Во Скопје се лекуваат 230.

Во болниците во државата има 461 слободен кревет.

Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 73 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 77 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 16 пациенти. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.