Македонија
30. October 2020 - 20:00

Пристигна помошта од НАТО

За еден месец отсега би требало да имаме пад на бројот на заболени, под услов да се почитуваат рестрикциите. Неблагодарно е да се прогнозира, вели министерот за здравство, но очекуваме новите донесени мерки за справувањето со ковид-кризата да го намалат притисокот врз болниците.

„Циклусот на промена и резултатите од воведените мерки, не само кај нас, туку и во многу други земји доаѓаат после 3-4 недели. Толку е циклусот на еден тренд на намалување на вирусот, до видливиот пад на детекција на бројот на заболени.”

Исцрпениот медицински персонал наскоро добива поддршка, посочи Филипче. Две групи на лекари ќе бидат на располагање за болничките установи во Скопје и за дежурства во болниците низ државава, откри министерот.

Дополни дека интензивно се работи и на нови капацитети кои ќе ги згрижат пациентите.

„Одделите во 8-ми септември се спремни и кадарот е спремен и прашање на денови е, дали денеска, за време на викндов или од понеделник ќе почнат да функционираат. Сега актуелна болничка установа каде што се примаат пациенти во Скопје е болницата во Козле. Сега, денеска се работеше во Институтот за белодробни заболувања, пациентите од таму се сместени во Јасеново и дел на Клиниката за пулмологија.”

Филипче, заедно со неговите колеги од ресорите одбрана и надворешни работи ја примија донацијата од НАТО од 60 респиратори, вредна милион и 400 илјади евра.

Респираторите ќе бидат распоредени согласно со потребите во здравствените капацитети и ќе се користат за транспорт на пациентите во амбулантните возила од една болничка установа во друга.