Македонија
1. August 2018 - 11:57

Припадници на Армијата на САД на обука на „Криволак“

Од денеска до 20 август на Армискиот полигон „Криволак“ ќе се одржуваат вежбовни активности на припадниците на вооружените сили на САД кои во претстојните денови во присуство на набљудувачи од страна на Армијата на Република Македонија ќе изведуваат повеќе видови на гаѓања.

Од Министерството за одбрана соопштија дека во првите пет дена, припадници на вооружените сили на САД со два хеликоптери од типот „Блек Хок“ кои пристигнале денеска ќе изведуваат обука и гаѓање со воздухопловни оружја и истите ќе заминат по извршените гаѓања.

Во останатиот период, припадниците на вооружените сили на САД ќе реализираат гаѓања со користење на пешадиско оружје од мал калибар, против-тенковско оружје и друго пешадиско оружје, како и квалификација за автоматската пушка М240Н, која се користи во повеќето армии на земјите - членки на НАТО.

Неодамна, АП Криволак беше сертифициран од страна на 7.Команда за обука на копнените сили на САД, за можноста за користење на полигонот и од страна на воздухопловни единици на ВС на САД.

Армијата на Република Македонија покрај овозможување на непречено користење на полигоните и стрелиштата на АП „Криволак“, за време на активностите има свои старешини во улога на набљудувачи, а ја овозможи и потребната воено полициска придружба за време на транспорт на припадниците на вооружените сили на САД, и доколку е потребно обезбедува соодветна медицинска и логистичка поддршка на активностите, посочуваат од Министерството за одбрана.

Со изведување на овој вид на активности, како што се наведува, се потврдуваат и промовираат можностите кои ги дава овој наш најголем капацитет за изведување вежбовни активности од страна на вооружени сили на странски држави.

Во процесот на планирање вежби веќе следната година се планира АРМ да биде домаќин на голема воени вежба – „Одлучен удар” во која ќе бидат вклучени повеќе од 1.000 војници од копнените сили на САД за Европа и од АРМ, стои во соопштението од МО