Македонија
6. January 2017 - 11:36

Приоритетните улици во Битола исчистени од снег

Битолските улици од прв приоритет се чисти, а во расчистувањето на снегот беа вклучени 18 возила, изјави за МИА, директорот на ЈКП „Нискоградба“-Битола, Кире Крстевски.

Според Крстевски, снегот не предизвикува проблеми во сообраќајот, а поголем проблем ќе бидат ниските температури и појавата на голомразица на патиштата во градот и околината.

- Чистиме во текот на цела ноќ, а така ќе биде и во текот на денот затоа што снегот постојано паѓа. Досега дежурните екипи на улиците во градот и околината фрлија 52 тони сол и 45 метри кубни ризла. На терен сме со 18 возила кои дејствуваат од три пунктови, односно еден пункт е врзан со градското, а два со руралните подрачја кои опфаќаат 54 рурални средини, истакна Крстевски.

Од ЈКП „Нискоградба“-Битола информираат дека се чисти и улиците од втор приоритет и апелираат граѓаните да се воздржат од непотребно користење на своите возила, а доколку ги користат правилно да се паркираат за да не го попречуваат чистењето на улиците.