Македонија
15. April 2016 - 13:58

Приоритетна санација на водостопанската инфраструктура и подобра заштита од поплави во Палагониско

Градоначалниците од пелагонсикиот регион денеска во Битола одржаа прва координативна средба за усогласување на приоритетните мерки и ефикасна употреба на средствата одобрени од Европската унија во рамки на втората компонента од Програмата за санација на штетите од поплавите во 2015 година, фокусирана на водостопанската инфраструктура.

Низ стручна расправа во која учествуваа претставници на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и А.Д Водостопанство со своите подружници во Прилеп и Битола, беа дефинирани приоритетите и динамиката на реализација на мерките.

Со вкупна вредност од над три милиони евра наменети за пелагонискиот регион, Програмата на ЕУ предвидува чистење на 57 километри од речното корито на Црна Река и 106 километри од притоките во сливот на Црна Река, санација на насипите и подобрување на работата на браните со цел зголемување на нивната улога во заштитата од поплавите. Покрај санацијата на оштетената инфраструктура, мерките имаат за цел да ја зголемат нејзината отпорност кон идни слични влијанија, но и да ја подобрат ефикасноста во заштитата од поплавите.

- Пред да започнат активностите на терен, од партнерите на Програмата бараме сугестии за приоритетни критични локации на кои би се спровеле мерките. Исто така, од големо значење за нас е да обезбедиме информации за слични мерки спроведени во текот на минатите месеци од страна на институциите на централно и локално ниво, рече Димитрија Сековски од УНДП, еаководител на Програмата на Европската унија за санација на штетите од поплавите.

Претставниците на институциите информираа за досега преземените мерки за заштита од поплавите и изразија поддршка за мерките планирани во рамки на Програмата на ЕУ.

Програмата за санација на водостопанската инфраструктура, вредна 6.820.000 евра, е втора компонента од Програмата на Европската унија за санација на штетите од поплавите, која вкупно изнесува 10 милиони евра.

Мерките ќе се спроведуваат на териториите на општините Могила, Новаци, Битола, Прилеп, Крушево и Кривогаштани, со поддршка на Програмата на Европската унија за санација на штетите од поплавите, соопштија од УНДП.