Македонија
13. September 2021 - 17:08

Приоритетите на ЕУ и политиките на проширување во фокусот на средбата на Димитров со француски сенатори

Приоритетите на ЕУ агендата за следниот период, политиките на проширување и француската поддршка во напорите за усвојување на преговарачката рамка на Македонија со ЕУ што треба да ја одразува новата методологија за пристапни преговори, иницирана од Франција, биле во фокусот на разговорите што денеска ги имал вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров со делегација од францускиот Сенат.

Посетата на француската делегација е во контекст на подготовките на француското претседавање со Советот на Европската унија.

Вицепремиерот Димитров, како што соопштија од неговиот Кабинет, се осврнал на суштинските реформи за пренесување на европските вредности во рамки на „Агенда: Европа дома“ и нагласил дека доминирањето на билатерални прашања во процесот е спротивно на принципите од новата методологија чија интенција е зајакнување на кредибилитетот на европската перспектива за регионот. 

– Македонија претставува најдобар пример за да се обезбеди пробив во регионот, пример кој ќе покаже дека преговарачкиот процес може вистински да успее и ќе ја засили трансформативната моќ на Унијата. Покажавме дека сме подготвени на европски предизвици кои значат натпревар во исполнување на стандардите за владеење на правото, демократски институции и заштита на човековите права и можеме да ги исполниме сите услови се додека се во европски дух поради што француската поддршка ни е особено важна. Валидацијата на постигнатиот успех е важна пред се за граѓанните на овој регион, особено младите кои на почетокот на пристапниот процес гледаат како на зелено светло за нивната европска иднина, нагласил Димитров.

Француските сенатори, како што се наведува во соопштението, го поздравиле напредокот во клучните реформски области со особен фокус на кластерот „Темели“ и придонесот за регионалната и европската стабилност, потенцирајќи дека Македонија е кредибилен партнер на Франција и на ЕУ кога станува збор за европеизацијата на регионот и заедничкото справување со глобалните предизвици. Во име на францускиот Сенат, тие изразиле силна поддршка за спроведување на одлуката на Советот на ЕУ за почеток на пристапни преговори со Македонија што ќе значи операционализација на новата методологија за пристапни преговори, но и можност за приближување на пријателските народи на двете држави. 

Соговорниците се осврнале и на меѓупарламентарната соработка, подвлекувајќи ја важноста од пренесувањето на француското знаење и искуство за зајакнување на демократските капацитети и довербата на граѓаните. Воедно, станало збор и за француското економско присуство во државата и продлабочувањето на билатералната соработка на тој план.

Во состав на француската делегација се Марта Де Сидрак – претседателка на групата за меѓупарламентарно пријателство Франција-Западен Балкан, Арно Базен – претседател на групата за пријателство Франција- Македонија, Венсан Сегуен – претседател на групата за пријателство со Црна Гора, Микел Вале – претседател на групата за пријателство со Србија, и Гијом Ренодино, секретар на групата за пријателство Франција-Западен Балкан.