Свет
22. јуни 2017 - 13:02

Принцот Хари: Никој од семејството не сака да биде крал или кралица

Британскиот принц Хари, помладиот син на престолонаследникот Чарлс и на покојната принцеза Дијана, изјави дека „никој во британското кралско семејство не сака да биде крал или кралица“.

Во интервју за американскиот неделник „Њузвик“, Хари, сепак, вели дека сите од кралското семејство „ќе си ги извршат своите обврски, кога за тоа ќе дојде време“.

Принцот е петти во редот на наследници на британскиот престол, по неговиот татко Чарлс, постариот брат Вилијам, кој има тутула војвода од Кембриџ и неговите две деца, Џорџ и Шарлот.

За весникот, Хари вели дека целото кралско семејство е определено да служи за повисоки цели и за доброто на луѓето во Велика Британија.

Принцот во интерјуто зборува и за неговата мајка, признавајќи дека примал „стручна помош“ околу тоа како да се справи со ненадејната смрт на принцезата Дијана. која во тоа време веке беше разведена од татко му, принцот Чарлс.

Според Хари, тоа што му требала стручна помош не е ништо необично, затоа што како 12-годишно дете морал да се соочи со ненадејната загуба, како и да го издржи вниманието на јавноста кон него и неговиот постар брат.

- Не беше лесно на таа возраст да се издржат погледите на луѓето на лононските улици и на милионите на телевизиските екрани, додека се движеше поворката со мртвото тело на мајка ми низ улиците на Лондон, во која бев и јас, изјави за „Њузвик“ принцот Хари.

Дијана загина во сообраќајна несреќа во Париз на 31 август 1997 гидина, заедно со нејзиниот тогашен партнер Доди ал Фаед.

Во поворката, зад мртвото тело на Дијана, покрај Хари, беа уште постариот брат Вилијам, тогаш на 15-годишна возраст, татко им Чарлс, вујкото ерлот Спенсер, брат на Дијана, како и сопругот на кралицата Елизабета, принцот Филип.