Македонија
7. November 2020 - 16:42

Примени првите Ковид пациенти на интерните клиники

Од ден во ден се зголемува бројот на хоспитализирани пациенти со Ковид. Во моментот поради компликации од вирусот на болничко лекување само во државните клиники и болници има 895 пациенти. Пред точно еден месец тој број бил 405. Во здравствените установи кои од почетокот на пандемијата ги третираа болните веќе нема место. Пополнет е и Институтот за ТБЦ.

Од денеска Ковид центри стануваат и Интерните клиники. Пациенти со корона вирус веќе се примени на неврологија.

Во оваа клиника капацитетот е 36 кревети каде покрај постоечкиот кадар ќе бидат ангажирани и двајца пулмолози. Пациентите со мозочен удар се преместени на одделот во ГОБ 8 септемвфри, а ќе се примаат и на неврохирургија.

Од понеделник според најавите од министерството за здравство во функција ќе биде и стационарот на Кожно каде може да се згрижат 30 болни. Градежни работници денеска интензивно работеа за спроведување на централен довод на кислород до болничките соби.

Во следна фаза за хоспитализација ќе се користат и гастро, нефрологија, ревматологија, орл и очно со вкупно 250 кревети. На располагање ќе им биде и лабораторијата на институтот за клиничка биохемија.

Иако Интерните клиники стануваат ковид центри, од министерството уверуваат дека останува да функционира Мој термин за редовните прегледи , а имало посебни места за хоспитализација и на пациенти со други заболувања.

Од опозициската ВМРО ДПМНЕ и денеска побараа оставка од Филипче за лошо менаџирање со кризата.

- Несериозноста и неспособноста на Филипче не донесе во ситуација болничките капацитети да бидат преполни со пациенти заразени со КОВИД-19, уште пред почетокот на зимата и сезоната на грип. Нема слободен кревет, а здравството е дојдено до степен пациенти да примаат инфузија во дворовите на клиничките болници. Жалосно. За ова одговорност мора да има, изјави Марија Митева од ВМРО ДПМНЕ.

Од СДСМ пак рекоа дека го санираат хаосот кој го оставил ВМРО ДПМНЕ.

-Санирањето на хаосот наследен во здравството, предизвикан со 11-годишната негрижа на ВМРО-ДПМНЕ, со вложување во здравствените институции и пред се во човечкиот капитал се покажа како клучен фактор за добро  менаџирање на најголемата здравствена криза досега.

За разлика од неодговорното владеење на ВМРО-ДПМНЕ кога се погазуваше трудот и стручноста на здравствените работници, СДСМ континуирано вложува во човечкиот капитал во здравството, рече Белкиса Зеќири, пратеничка на СДСМ.