Македонија
26. јуни 2019 - 19:33

Прилепско Дреновци отсечено од светот поради уништениот пат од невремето

Локалниот пат кој ги поврзува селата Дреновци и Дупјачани во Општина Долнени е комплетно уништен во должина од околу 1,5 км. а додека останатиот дел од 2,5 км. e делумно оштетен и полн со насипи од камења и земја. Невремето од пред 2 дена предизвикало хаос во овој дел. До селото се стигнува само со џип или трактор. Нас со теренско возило не пренесоа жителите од селото.

Во селото има околу 300 жители од кои 70-тина деца под 18 години. Тие во моментов како да се отсечени од светот. Дел од дупките на патот се длабоки и по 50-тина сантиметри. Жителите бараат помош од институциите.

„Не дај Боже да се разболи некој стар или млад нема да може да дојде Итна помош“, истакна , Слободанчо Димитриески, жител на село Дреновци.

„Патот е на нула, катастрофа, дури ни трактор не поминува. Луѓево доаѓаат на долни крај во селото, а од тука женмите и децата си ги земаме со трактори бидејќи не се поминува“, рече Гоце Спиркоски, жител на с. Дреновци.

„Леб неможе да достават, вчера лебот го носевме со трактори до продавница. Одиме кај градоначалникот, никаков интерес никогаш немаат да не сослушаат“, вели Павле Спиркоски, жител на с. Дреновци.

Жителите велат дека не паметат вакво невреме кое траело скоро еден час. И денеска дел од производите во продавниците се доставуваа на раце бидејќи возилата не можеа да стигнат до селото.

„Комбето не доаѓа нагоре никао, не остава на средина од патот од тука после си земаме трактори и стварите си ги носиме со трактори“, истакна Јоланда Велкоска, жител на с. Дреновци.

Освен патот немале ниту водовод вепат дека политичарите тука доаѓале само пред избори.

„Нас во селото не користат само како машинерија за гласање.

Зошто тогаш излегувате на избори ?

Па зошто излегуваме, се да биде регуларно. Откако е основана Општина Долнени ниту еден градоначалник не не видел во селово, а не да ни помогне“, изјави Жарко Перески, жител на с. Дреновци.

Од Општина Долнени велат дека вчера оствариле средба со жителите и дека денеска ќе извршат скенирање на теренот за да се увиди што се е потребно за негова санација. Патот ќе се тампонирал,а ќе барале и средства од Владата за комплетна реконструкција на патот.