Македонија
19. August 2019 - 16:46

Прилепските пожарникари работата со возила стари над 40 години

Уште најмалку 2 до 3  возила и барем 20-тина нови вработувања се потребни за нормално функционирање на Територијалната противпожарна единица во Прилеп. Моментално бригадата има само 6 возила од кои најстарото е од 1976 година, а 2 пак се од 1978 година.

Бројот пак на пожарникари е околу 40, а според некои направени пресметки каде на околу 1.500 жители е потребен по еден пожарникар, во Прилеп треба да има вработено околу 70-тина пожарникари, затоа што тука се покриваат и општините Долнени и Кривогаштани.

Во последниве 2 недели нагло се интензивирале пожарите, каде најмногу се гледа недостатокот на опрема и луѓе.

„Потребно се најчесто нови возила. Барем уште 2, ако не повеќе. И потребно е вработување на 15-тина лица, зависно од систематизацијата“, кажа Виктор Стојчески, Командир на ТППЕ Прилеп.

Денеска беше набавено ново возило и 10 нови одела и опрема за противпожарната бригада. Возилото е наменето за гаснење на пожари во градот, а вредноста изнесува околу 5 милиони денари, од кои 3,2 милиони денари се пари на Општина Прилеп, а останатите на Центарот за развој на Пелагонискиот регион.

„Пожарникарите се секогаш на прва борбена линија кога има некоја природна непогода, така што единствен начин да им се оддолжиме некако е да се инвестира во нивната опрема“, истакна Гого Видимче, директор на Центар за Пелагониски – плански регион.

Беше најавено дека за идниот месец една општествено одговорна компанија од Прилеп треба да донира 2 половни возила, од кои едно ќе биде за шумски пожари.

„Почетокот на идниот месец тоа треба да помине на Советот на Општината за да во септември ги добиеме тие возила“, изјави Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

Прилепските пожарникари се надеваат дека поголем дел од нивните барања ќе се исполнат до крајот на годината.