Бизнис
13. May 2016 - 13:57

Прилепскиот катастар го изготви првиот бесплатен елаборат

Прилепскиот катастар денеска го додели првиот бесплатен елаборат кој одделението го изготви според новите законски измени.

Како што објаснува раководителот на одделението Жаклина Кондоска, тоа се поволности за граѓаните и правните лица.

- Со измените во Законот за катастар на недвижности, кон крајот на март годинава,  катастарот може без надомест, да врши премер на недвижности на згради, делови од згради и други објекти и да изготвува геодетски елаборати без надомест, во интерес на граѓаните. Да појасниме, правото може да го остварат граѓаните и правните лица кои имаат правно-техничка документација, издадена до стапување на сила на Катастарот на недвижности за општината, во Прилеп тоа е до 1999 година, објаснува Кондоска.

Семејството на Саша  Лепиткова е првото во Прилеп кому, врз основа на правно-техничката документација, катастарот бесплатно му изготви елаборат.

- За овој проект на Агенцијата за катастар дознав од медиумите, се информирав и поднесовме барање за изготвување елаборат врз основа на правно-техничката документација што ја имавме. За два дена ни го изготвија бесплатно елаборатот и задоволни сме што заштедивме трошоци. Станува збор за семејна куќа, изградена 1971 година, вели Лепиткова.

Од одделението за катастар во Прилеп информираат дека за издавање бесплатни елаборати досега има поднесено пет барања и очекуваат граѓаните поинтензивно да ги поднесуваат. На сите што ги исполнуваат условите, ќе им биде бесплатно изготвен елаборат.