Македонија
13. January 2018 - 18:25

Прилепчани ја прославуваат Стара Нова Година, а утре се бара среќната паричка

Дома, со друштво или во рестораните, прилепчани вечер ќе ја прослават Стара Нова Година. Како што велат, малку и ќе се „коцкаат“, како што наложуваат обичаите за да испитаат кого му е наклонета среќата оваа година. Утре на ручек се собира целото семејство и го врти мазникот со среќната паричка. Се верува, кому ќе му падне паричката, ќе има среќа целата година.

Според етнолозите, пак, обичајот повлекува корени уште од праисторијата, а со Христијанството, се поврзува со епископот од Кападокија, Василиј Велики.

Александар Цветкоски, етнолог во прилепскиот „Завод и музеј“ ги објаснува обичаите за Василица во Прилепско, но и тоа дека од дамнина се рашириле, во повеќе облици, и низ Европа.

- Барањето среќа на овие простори е вообичаена работа. Тоа обично се случува од Божик до Богојавление- Водици, кога завршува ритуалот на 19 јануари зашто се верува дека тогаш небото е отворено и исполнува желби. Во Прилепско, барањето среќна паричка е сконцентрирано на Василица. Вечерта, на Стара Нова Година, традиционално, има и коцкање. Се играат таканаречени, „купчиња со карти“ кога се одредува кој ќе биде миленик на среќата оваа година. Среќата, исто така, се одредува со мазникот со паричка на ручек, утре, на Василица кога се собира семејството, објаснува етнологот Цветкоски.

Кога се „врти мазникот со среќната паричка“, додава, едно парче се остава за Господ, едно за куќата, по едно парче се остава за членовите на семејството, но и за бизнисот, за имотот, за да се види на која страна оваа година ќе отиде среќата. Таа се нарекува и питата, кората на свети Василие Велики. Поврзано е со Христијанскиот обичај, иако е ова стар обичај. Точно се знае дека славењето на Стара Нова Година, Василица, кога Василие Велики умрел има врска и со „римските сатурналии“. Тие биле на 17 декември, но се поместени во народното славење. Тогаш, во суштина се слави Новата Година.

- Нова Година, нова среќа, умира стариот бог, се раѓа новиот, и тоа е онаа вечна реинкарнација. Тогаш, со таа паричка, се одредува кој ќе биде најсреќен. Во старата „верзија“, некогаш се ставало житно зрно и кој ќе го најде, ќе биде најсреќниот. Обичајот е раширен, во повеќе облици низ Европа. На пример, во Франција се одбира „Крал на денот“ кој еден ден го заменува граоначалникот и владее. Во Англија има „колач на кралот“. Го има и во Грција, а има помени дека го има уште како празник на богот Крон, на богот Сатурн, затоа се и „римските сатурналии“.  Обичајот е жилав, а народот го прифатил и го одржува, вели Цветковски. 

Како што укажува, како обреден елемент се среќава длабоко во праисторијата. Денес добива Христијанска скрама со Свети Василие Велики кој бил епископ во Кападокија. За староста и славењето на обичајот говорел и Свети Јован Златоуст кој велел дека се слави само 10-ина години откао е воспоставен, а тоа го рекол во 388 година. Обичајот денес народот го користи да ја прослави Старата Нова Година, поврзана со Јулијанскиот, а не со Грегоријанскиот календар. а кога имакриза и сиромаштија обичаите се жилави и земаат сила, па потрагата по „среќната паричка“ е поинтензивна,објаснува етнологот Цветковски.