Македонија
12. August 2016 - 12:39

Прилепчанец осомничен за производство и дистрибуција на детска порнографија

Основното јавно обвинителство – Прилеп почна постапка против 30-годишен прилепчанец кој се сомничи за сторено кривично дело „Производство и дистрибуција на детска порнографија“.

Според кривичната пријава доставена од МВР – Полициска станица Прилеп, за лицето постои основано сомнение дека од втората половина на 2012 година до 10 август годинава преку компјутерски систем набавувал за себе и поседувал детска порнографија.

Прилепчанецот на социјалната мрежа Фејсбук регистрирал лажен профил со лажно име, на кој на насловната страна поставил фотографија од девојче од Република Хрватска, како наводен корисник. Преку тој профил остварувал електронски контакти со деца. Притоа ги намамувал да се фотографираат по долна облека и голи, да ги фотографираат интимните делови од телото и направените фотографии да му ги доставуваат преку електронска комуникација.

Фотографиите подоцна ги симнувал и ги складирал во неговите компјутери, каде складирал и видео клипови со детска порнографија. Осомничениот во одредени ситуации со децата со кои комуницирал електронски, барал да остварат и непосредни контакти со намера за одредена парична награда да оствари полови дејствија.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Прилеп поднесе Предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.